ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ги објавија носителите на листи за престојните парламентарни избори, а останува непознат само уште носителот на листата за петтата изборна единица. Партискиот претседател Христијан Мицкоски ќе биде носител во првата изборна единица, а како што потврди денеска, во втората изборна единица прв на листата ќе биде потпретседателот на партијата Владо Мисајловски, во третата Драган Ковачки, во четвртата потпретседателот Александар Николовски, додека во шестата изборна единица Дафина Стојановска.
Мицкоски најави оти очекува набргу да се финализираат листите за пратеници за изборите на 8 мај.
„Според планот на активностите, околу 31 март е предвиден ден за промоција на листите за пратеници. 30 март е денот кога официјално ќе се потпише коалицискиот договор, така што во рамките на овие две-три недели ќе биде се познато“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Освен прашањето за ЕУ и за тоа како земјата ќе го продолжи европскиот пат, Мицкоски вели дека за време на изборната кампања ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, ќе бидат насочени „кон нудење решениј и политики кои ќе ги решаваат проблемите на граѓаните“.
Видете и ова: НВО: Партиите го блокираа учеството на независни кандидати на сите следни избориМицкоски потенцираше и дека ВМРО-ДПЛНЕ ја финализира изборната програма и денеска ќе се одржи завршниот состанок со групата која ја изработува. Имајќи предвид дека официјално кампањата за парламентарните избори започнува на 18 април, тој очекува до крајот на месецот да има и нејзина официјална промоција.
„Многу сме внимателни кога ја креираме, многу сме конзервативни. Не ветуваме премногу, не ветуваме чуда, но тоа што е ветено стоиме позади тоа и врз основа на тоа ќе ја градиме нашата политика. Дури и споменуваме дека после две години истата таа програма ќе биде ревидирана и надградена откако реално ќе ги видиме ресурсите со коишто располагаме, бидејќи она што го имаме како информација дека ќе го наследиме од оваа криминална влада на СДСМ и ДУИ е навистина алармантно“, рече Мицкоски.
Од друга страна и СДСМ работи на составување на овие листи, но владејачката партија се уште официјално ги нема објавено.
Рокот за внатрепартиски анализи истекува на 2 април, до кога кандидатските листи треба да се поднесат до Државната изборна комисија.