Шефот за надворешна политика на Европската Унија (ЕУ), Жозеп Борел, побара од Унијата да ја зајакне својата одбранбена индустрија и да ги надополни резервите со цел да биде подготвена да се соочи со „потенцијални закани“, додека продолжува да обезбедува воена помош за Украина.
Украина, која во голема мерка се потпира на западните и особено на американските испораки на воена опрема, беше принудена да ги рационализира своите резерви на муниција соочени со сè поинтензивни напади од страна на Русија.
„После две години војна со висок интензитет, достапните резерви се исцрпени и конфликтот се префрли од војна за снабдување во војна за производство“, напиша Борел во написот на 11 март за Европската одбранбена индустриска стратегија што беше претставена пред Европската комисија на 5 март.
Бидејќи критичниот пакет воена помош од 60 милијарди долари останува блокиран во Претставничкиот дом на САД поради републиканското противење, Украина стана позависна од испораките од европските сојузници.
Борел рече дека ЕУ треба итно да ја надмине сегашната фрагментација на нејзината одбранбена индустрија и да стане „подготвена за одбрана“ преку повеќе заеднички набавки и повеќе заеднички одбранбени проекти.
Додека ги консолидира сопствените одбранбени способности и го зголемува производството, ЕУ „би можела да ги искористи неочекуваните профити од руските замрзнати средства за да купи оружје за Украина и/или да помогне во зајакнувањето на нејзината одбранбена индустрија“, напиша Борел.
Видете и ова: Борел за РСЕ: ЕУ ќе продолжи да испорачува помош и гранати за Украина„Досега размислувавме да ги искористиме овие профити за поддршка за обновата на Украина. Меѓутоа, во моментов, главното прашање во Украина не е толку многу реконструкцијата, туку избегнувањето понатамошно уништување на оваа земја“, напиша тој.
Коментарите на Борел доаѓаат во време кога Си-ен-ен, цитирајќи неименуван висок европски разузнавач, на 11 март објави дека Русија произведува три пати повеќе артилериска муниција од САД и ЕУ заедно.
Русија во моментов произведува 250.000 артилериски гранати месечно, или околу 3 милиони годишно, изјави изворот за Си-ен-ен, додавајќи дека САД и Европа заедно имаат капацитет да испратат во Украина околу 1,2 милиони гранати годишно.
Додека ги зајакнува сопствените производствени капацитети, Русија, наводно, увезува огромни количини артилериска муниција од Северна Кореја и Иран.
Кон крајот на јануари, Борел призна дека ЕУ ќе биде далеку од својата претходно поставена цел да испрати 1 милион артилериски гранати во Украина до март, нагласувајќи дека околу половина од оваа количина е испорачана до тој рок, а остатокот ќе биде испратен до крајот на година.
Во интервју за РСЕ минатиот месец на маргините на Минхенската безбедносна конференција, Борел призна дека ЕУ „мора да направи повеќе“, потенцирајќи дека колку и да се работи на испорачување помош „во време на војна тоа никогаш не е доволно“.