Нашата заедничка заложба за раст на стандардот на вработени во одбраната, за воспоставување на еден вистински систем за управување со човечките ресурси согласно највисоките НАТО стандарди денес е реалност, порача министерката за одбрана Славјанка Петровска, објаснувајќи го новиот Закон за вработени во одбраната.
„Законот е навистина сеопфатен во креирањето на еден ефикасен систем за персонален менаџмент согласно највисоките стандарди на Алијансата, тоа опфаќа унапредувања според мерит-системот, создавање услови за развој на персонал кој ќе работи на НАТО позиции, менување на статусот на вработените од кои еден дел ќе бидат и овластени службени лица“, рече Петровска.
Во прашање е прв ваков закон што се носи во земјава од нејзиното осамостојување во 1991 година.
Видете и ова: Ќе го вратат ли војните задолжителниот воен рок?Меѓу можностите со кои се пофалија од Министерството за одбрана е стипендирање и вработување кадар за критичните специјалности.
Досега, одбраната се соочувала со тешкотии да вработи ваков кадар. На пример во доменот на информатиката подолг период имало позиции кои не можеле да пополнат. Огласите не биле атрактивни, затоа што вработените би се воделе како административни службеници поради што и платите не биле привлечни.
Законот нуди можност и за вработување без оглас на лица со попреченост, но и на член на семејствата на починатите што биле вработени во одбраната.
„Статусот на вработените го подобруваме и преку зголемениот пензиски стаж како и заминувањето во пензија со 80 проценти од десетте најповолни години од пензискиот стаж“, рече Петровска набројувајќи ги придобивките од новиот закон.
Видете и ова: Што содржи договорот за набавка на системите за противоклопна борба?Од Независниот синдикат на одбраната, пак, изразија задоволство и од новиот закон и од неодамнешното потпишување на колективниот договор.
„Со овие два клучни документи се донесени и решени многу клучни прашања за вработени во Министерството за одбрана и во Армијата“, рече претседателот на синдикатот, Ванчо Исајов.
Новиот Закон за вработените во одбраната, стапи на сила, но во моментов единствено што не може да се применува се одредени членови кои се однесуваат на вонредни исплати кон вработените. Тие ретроактивно ќе ги добијат надоместоците по завршување на изборниот процесот.
Законот беше донесен во Собранието на 28 февруари со 97 гласа „за“ и ниту еден „против“ или „воздржан“.