Израелската војска проверува дали Марван Иса, висок претставник на Хамас, која САД и ЕУ ја прогласија за терористичка организација, бил убиен во воздушен напад во Газа, објави израелскиот весник Хаарец.
Израелската војска засега не го потврди извештајот, во кој се вели дека пред два дена е нападната локација во Нусеират во центарот на Газа, врз основа на разузнавачки информации дека Иса, за кој се верува дека е вториот човек на вооруженото крило на Хамас, бил таму.
Хамас не одговорил на барањето за коментар за наводите на израелскиот весник.
Иса е на врвот на листата на најбарани во Израел, заедно со Мохамед Деиф, шеф на военото крило на Хамас, Бригадите Из ел-Дин ал-Касам и водачот на Хамас во Газа Јахја Синвар, за кои се верува дека се организатори на октомврискиот напад врз јужен Израел, што беше повод за војната во Газа.
Доколку се потврди, неговата смрт може да ги искомплицира напорите за обезбедување прекин на огнот во Газа и договор за ослободување на заложниците во преговорите кои веќе се во застој, пишува Ројтерс.
Според Министерството за здравство на Газа, управувано од Хамас, најмалку 31 112 луѓе во Газа се убиени, а 72 760 се ранети во израелските напади на палестинска територија од 7 октомври.
Во последните 24 часа во израелски напади загинаа 67 Палестинци, а 106 беа ранети.
Министерството исто така наведе дека бројот на смртни случаи од неухранетост и дехидрација се искачи на 25.