Победа на десницата на изборите во Португалија

Поддржувачите на португалската централно-десничарска Демократска алијанса по објавувањето на резултатите по затворањето на гласачките места, Лисабон, 10 март 2024

Португалската централно-десничарска партија Демократска алијанса (ДА) победи на парламентарните избори, изјави нејзиниот лидер Луис Монтенегро, иако не е јасно дали ќе успее да формира мнозинство без поддршката на екстремната десница Чега, со која одби да преговара.

Демократската алијанса и нејзините конзервативни сојузи на островот Мадеира освоија 29,49 отсто на предвремените парламентарни избори или најмалку 79 од вкупно 230 места во парламентот.

Социјалистичката партија (ПС), која пред две години освои апсолутно мнозинство со 41,4 отсто од гласовите, сега е на второ место со 28,66 отсто од гласовите или 77 пратенички места.

Бројот на пратеници на екстремната десница Чега ќе се зголеми четирикратно, а таа ќе има најмалку 48 места во парламентот.

Видете и ова: Португалија ќе се откаже од ДДВ за храната за да поевтини

Четири пратенички места ќе бидат доделени по конечното пребројување на гласовите од странство.

Тој резултат не му дозволува на победникот да формира апсолутно мнозинство од најмалку 116 пратеници, дури ни во коалиција со мала либерална партија која е на четврто место со пет отсто од гласовите, односно осум пратенички места.

Монтенегро сепак прогласи победа на парламентарните избори, велејќи дека сака да владее со „релативно мнозинство“ во парламентот, повторувајќи го своето одбивање да ја води земјата со поддршка на екстремната десница.

„ДА победи на изборите“, им рече Монтенегро на приврзаниците собрани во понеделникот рано наутро, додавајќи дека е клучно партиите во новиот парламент да се однесуваат одговорно и „да ја почитуваат волјата на португалскиот народ“.