НВО: Партиите го блокираа учеството на независни кандидати на сите следни избори

илустрација

Група невладини организации реагираат на измените на Изборниот законик кои претходната недела беа донесени во Собранието, по скратена постапка, а со кои меѓудругото е зголемен прагот на потребните потписи за учество на изборите на 1 отсто од запишаните избирачи.

Од невладиниот сектор велат дека „на подмолен начин и без консултации и јавна расправа, спротивно на препораките на ОБСЕ/ОДИХР најголемите политички партии под изговор дека им помагаат на граѓаните без валидни документи, донесоа дополнителни скриени измени на Изборниот законик со што практично ги исфрлија од игра независните кандидати и ги спречија да учествуваат на сите следни избори на локално и на национално ниво“.

„Поднесени од пратениците на ВМРО - ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ и со премолчана поддршка од сите останати, измените го зголемуваат прагот на потребните потписи за учество на изборите, од досегашните 1000 потписи, на 1% отсто од запишаните избирачи.

Видете и ова: Какви шанси има третата опција

Ваква измена истиот овој парламентарен состав се обиде да спроведе и пред локалните избори во 2021 година со цел отстранување на голем дел од новите независни кандидати, но обидот беше блокиран од голем број на амандмани. За потсетување, на локалните избори 2021 година независни кандидати добија место во дури 33 општини или 41% од сите општини во Македонија и Градот Скопје“, се вели во реакцијата на неколку невладини организации.

На национално ниво тоа би значело дека во Изборната единица (ИЕ) 1, наместо досега потребните 1000 потписи, со усвоените измени на независните ќе им требаат 3372 потписа за да поднесат независна листа. Според бројките на запишани избирачи, за ИЕ 2 на независните ќе им бидат потребни 2408 потписи, за ИЕ 3 - 3005, за ИЕ 4 - 2945, за ИЕ 5 - 3395 и за ИЕ 6 - 2486 потписи.

Од невладините додаваат дека со последните измени, политичките партии само ја зацврстуваат својата монополска позиција и оневозможуваат влез на независни листи.

Истакнуваат дека на ваков начин во Северна Македонија не само што нема простор за т.н. трета опција, туку теренот е така направен да нема никаква алтернативна опција.