Мигранти обвинуваат - Србија со ќотек не враќа во Северна Македонија

Мигранти во кампот во Табановце, февруари 2024

На српско тло полиција нè тепаше, а ни пуштија и кучиња, сведочат за РСЕ мигранти кои се обиделе да влезат во Србија од Северна Македонија. На насилство се жалат и мигранти кои успеале да ја преминат границата. Српската полиција негира. Балканската рута не е активна како некогаш, но сè уште е жива.

„Ни пуштија кучиња да не гризат и не тепаа“, раскажува Мухамед Али, мигрант од Сирија, додека со едната рака се обидува да ја подигне ногавицата од панталоните за да ги видиме трагите кои кучињата му ги оставиле. Другата рака му е преврзана со завој. Другарите му помогнаа да излезе од бараката во кампот за мигранти во Табановце, на македонско – српската граница.

Екипа на Радио Слободна Европа го посети кампот во последниот ден од февруари. Ноќта претходно, група од 18 луѓе, меѓу нив и Мухамед Али се обиделе да влезат на српска територија, но како што велат дел од мигрантите со кои разговаравме, српската полиција ги натепала, им пуштила и кучиња и ги вратила назад.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

„Нè тепаат и протеруваат“: РСЕ со мигранти на српско-македонската граница

„Не тепаа со стапови и палки. Погледнете како кучињата не искасаа. Немавме ни оружје, ни ништо. Не тепаа само затоа што сме мигранти. И јас сум човечко суштество како и секое друго човечко суштество кое бега од земја зафатена од војна“, вели Мухамед Али.

Тој работел како адвокат во Сирија, но вели дека после војната таму не може да се живее. Со своите другари тргнале кон Европа, а крајната дестинација им е Германија. Патот од дома до Северна Македонија им трае речиси половина година.

„Сакам да стигнам во земја каде што ќе се чувствувам безбедно. Зошто земјите немаат хуманост, зошто луѓето се вакви“, се прашува Али.

Видете и ова: УНХЦР - Минатата година во Србија влегле 108.828 бегалци и мигранти

Сведоштва на мигранти - Не оставија некого нетепан

Со него во групата која се обидела да премине во Србија, бил и Мустафа Мурад. На патот од Сирија дотука, најтешко му било, раскажува, кога бродот со кој се превезувале од Сирија се расипал, па едвај ги спасиле, и вториот пат, кога стапнал на српско тло.

„Пробавме да одиме во Србија, но не истепаа и моравме да се вратиме назад. Вчера таа група што пробавме да не видите секој има модрици, не оставија некого да не го тепаат“, вели Мурад.
„Ќе пробаме пак, немаме друг избор“, додава тој.

Дома работел како инженер, сега сака да оди во Германија, каде веќе е поголем дел од неговото семејство.

Претходно во февруари, британски „Гардијан“ објави снимка на голи и боси мигранти што жителите на македонското село Лојане ја доставиле до организацијата за помош на бегалци „Легис“. Во Легис велат дека станува збор за лица од Сирија и Бангладеш кои српската полиција ги принудила да се соблечат, а потоа ги депортирала во Лојане, од каде влегле во Србија.

Српската полицијата негираше дека нехумано ги протерала мигрантите, а не одговори ниту на дополнителни прашања за насилството. Службеници на Европската агенција за заштита на границите [Фронтекс] кои „помагаат во контролата“ на границите негираат дека учествуваат во такво нешто.

„Фронтекс сериозно ги третира сите извештаи за наводно прекршување на основните права, вклучително и забраната за присилно протерување бегалци“, велат од Европската агенција.

Активистите бележат сè поголем број на принудни протерувања

Јасмин Реџепи од невладина организација Легис, чии активисти се на терен и во кампот во Табановце и во пограничните села, вели дека мигрантите и досега се жалеле дека се жртви на насилство на српската полиција. Во изминатиот период регистрирани се неколку случаи на мигранти од Србија во Северна Македонија, вели тој.

„Проблемот е начинот на којшто ги враќаат луѓето, брутален и насилен и премногу суров. Тие луѓе иако не се на нивна територија, се наоѓаат на наша или на територија на Република Србија, за нив важат човековите права, бидејќи човековите права се врзани за луѓе, без разлика на нивниот статус, коишто се наоѓаат на одредена територија. И никој го нема тоа ексклузивно право да врши тортура над никого“, вели Реџепи за Радио Слободна Европа.

Видете и ова: Повеќе од 100.000 мигранти поминале низ Србија во 2023 година

Сè поголемиот број на принудни протерувања на бегалците го бележат и активистите во Србија.

„Тоа протерување во последните неколку месеци сè повеќе вклучува прилично брутални методи, пред сè физичко насилство, но и понижување на бегалците при ова протерување“, вели Милица Швабиќ од белградската невладина Кликактив.

Српската полиција на границата со Северна Македонија, веќе една година врши надзор со помош на полициски службеници од Австрија и Унгарија, според меморандумот за трилатерална соработка.

Радош Ѓуровиќ од Центарот за заштита и помош на барателите на азил во Србија за РСЕ изјави дека од почетокот на годината оваа невладина организација добива сведоштва од луѓе за зголемениот број на „притисоци“ кон Северна Македонија од правец на Србија.

Ѓуровиќ посочи дека е индикативна практиката на „притисоци“, имајќи ја предвид ситуацијата на северот на Србија, каде што се затвораат државните кампови долж границата со Унгарија, а луѓето се преселуваат на југ и централна Србија.

На крајот на 2023 година, стотици полицајци беа испратени во пограничните области на северот, а во „акции против шверцот на мигранти“, илјадници луѓе беа насилно преместени во државните кампови на југот на земјата.

Сето тоа, наведува Ѓуровиќ, очигледно служи за олабавување на притисокот на границите на Европската унија, пред сè на Унгарија и на Хрватска.

Кампот во Табановце.

Во Табановце некогаш имаше илјадници мигранти, сега околу стотина

Кампот во Табановце е отворен во 2015-та, во ек на бегалската криза. Тогаш во кампот дневно имаше и по повеќе од 1000 луѓе. Но, кога го посетивме на крајот на февруари, во него беа сместени стотина. Преку ноќ тие се обидуваат да преминат во Србија, а ако не успеат се враќаат пак во кампот. Пред кампот не пречекаа неколку кучиња скитници, во него, пак, неколку момчиња пружаа алишта на оградата. Во кампот, кој е од отворен тип, добиваат храна, вода, легло и лекарска помош.

Според податоците на Црвениот крст, во текот на 2023 година, во Прифатните транзитни центри за мигранти и бегалци Винојуг, во близина на границата со Грција и Табановце, во близина на границата со Србија, биле сместени 10.452 мигранти.

Според официјалните податоци, полицијата годишно спречува криумчарење на над 1000 мигранти. Најголемиот дел од мигрантите што се фаќаат се од Сирија.

Во 2022 година има голем раст на откриените дела и спречувањето на криумчарење мигранти во однос на претходната 2021 година. Во 2023 година, ситуација е слична како во 2022 година.

Во изминатата година (2023), полицијата открила 111 случаи и спречила криумчарење на 1334 мигранти. Две третини од мигрантите, односно 915 биле од Сирија, па потоа следуваат 89 од Пакистан, 81 од Конго, 73 од Непал...

Во извештајот на МВР за 2022 година, се објаснува како функционира криумчарењето. Мигрантите од Грција пеш влегуваат во Северна Македонија преку илегални влезови. Нив ги чекаат луѓе со моторни возила и ги носат до села во близина на границата со Србија. Транспортот се врши со патнички возила на кои се поставени лажни или пак регистарски ознаки од други возила, а во мал број случаи и со товарни возила и комбиња, а возачите откако ќе ги забележат полициските патроли, ги оставаат возилата со мигрантите покрај патот и бегаат.

Видете и ова: Цвета „бизнисот“ со мигранти низ Македонија, загрижува корупцијата

Од Сирија до Северна Македонија за 7-8 илјади евра

Во кампот во Табановце го сретнавме и Ахмед Ал Хусеин, мигрант од Сирија. Тој од Сирија неколкупати се обидувал да влезе во Турција, но го фаќале и го враќале назад, но успеал. Од таму пак исто така неколку пати се обидувал да влезе во Грција и тоа му одзело многу време. А сето тоа чинело пари.

„Не сум сигурен колку пари е, не сум платил јас, мојата фамилија плаќа, но од прилика е некаде околу 7-8 илјади евра“, вели Ал Хусеин.

Тој еднаш пробал да влезе во Србија, но го натепале и го вратиле. Вели дека „ќе проба, пак, оти нема друг избор“.
Домаќин во кампот во Табановце ни е Ивица Радевски, командир на полициска станица Сопот, која го покрива транзитниот центар.

Видете и ова: Потрага по надеж: Искуства на бегалците и мигрантите

Во моментот во кампот во Табановце се сместени 98 луѓе, од разни држави Сирија, Пакистан, Авганистан и од земјите од Африка.

„Моментално е намалена, значи, бројната состојба на илегалната миграција, во споредба со 2016 кога беше голем бран, кога беше голема рута на движење Балканската рута – од Турција, од Грција, преку Македонија, преку Србија кон западно-европските земји. Значи тој период имаше многу мигранти, дневно некаде околу 1000 мигранти, секојдневно минуваа по оваа Балканска рута. Во моментов сега може да има до 20, 30, до 50 мигранти и различно е во периодот од годината, во зависност од временски услови, дали е постудено, дали е потопло“, вели тој.

И тие што успеале да ја преминат границата и да дојдат во Србија, сведочат дека не е лесно, оти српската полиција ги враќа назад и по неколку пати.

„Осум пати се обидовме да влеземе во Србија. Еднаш во ист ден три пати, но полицијата нè фати и нè тепаше, па се вративме во Македонија. Овде можеме да го напуштиме кампот, но до 10 навечер, и не смееме да одиме повеќе од еден километар бидејќи полицијата ќе нè фати и ќе нè врати во Македонија“, вели мигрант од Авганистан, кој побара да остане анонимен, стравувајќи за својата безбедност.

Активистите кои работат со мигранти велат дека имало случаи кога и по десет пати едни исти луѓе транзитираат низ регионот, пред да им успее да заминат за Западна Европа. Според нивните кажувања, на луѓето од Сирија им требаат и по повеќе од 15 илјади евра за да стигнат до Германија.

Балканската рута на илегални миграции официјално беше затворена во 2016, но сè уште е жива. Таканаречената балканската рута се движи главно од Турција и Грција, преку Северна Македонија и Србија кон европските држави кои се крајна цел на мигрантите. Според Фронтекс, Балканска рута учествувала со 43 отсто од сите нередовни влезови во 2022 година.

Во моментот во Северна Македонија се распоредени 98 полициски службеници на Фронтекс.