Вучиќ смета дека нема смисла да се одложуваат изборите во Белград

Српскиот претседател Александар Вучиќ.

Српскиот претседател Александар Вучиќ на 10 март изјави дека има неколку датуми кога може да се распишат локални избори во Белград, но дека за него „најлогична опција е веднаш да се оди на избори“, пренесува Бета.

Вучиќ најави дека во недела навечер ќе има средба со лидерите на партиите од владејачката коалиција на која ќе разговараат за составот на новата Влада на Србија, како и за локалните избори.

„Сосема е нормално ако во понеделник (11 март) се избере претседателот на српскиот парламент, тој да распише нови избори во вторник, среда, за тоа да не се одолговлекува“, рече Вучиќ нагласувајќи дека има многу опции, но дека не ја разбира „ смислата за одложување на одржувањето на изборите во Белград“

Видете и ова: Претседателот на СНС - Нема да има меѓународна истрага за изборите во Србија

Изборите во Белград ќе се повторат по двата неуспешни обиди да се одржи конститутивна седница по гласањето на 17 декември.

Одлуката ја донесе Српската напредна партија (СНС), чија листа го носи името на претседателот на државата, Александар Вучиќ, поради неможноста да се формира власт во главниот град бидејќи не освои мнозинство од вкупно 110 советници.

Вучиќ денска изјави и дека во своето предходно обраќање направил грешка што ги најавил локалните избори во Белград за 28 април или 5 мај.

Сега тој изјави дека законот пропишува локалните избори да се распишат во рок од еден месец од последниот ден, по изборите, кога беше рокот за формирање на градското собрание, а тоа беше 3 март.