Претседателот на СНС - Нема да има меѓународна истрага за изборите во Србија

Претседателот на Српската напредна партија (СНС), Милош Вучевиќ.

Претседателот на Српската напредна партија (СНС), Милош Вучевиќ изјави дека до одржувањето на новите локални избори во Белград, колку што е можно ќе бидат исполнети препораките на Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) кои беа дадени по изборите во Србија во декември минатата година.

Изборите во Белград ќе се повторат по двата неуспешни обиди да се одржи конститутивна седница по гласањето на 17 декември.

Вучевиќ за ТВ Пинк изјави дека нема да има меѓународна истрага за тие избори, што беше побарано во резолуцијата на Европскиот парламент, а додаде дека наводите за „фантомски гласачи се празни приказни“, пренесува Бета.

„Глупаво е некој да фабрикува гласачи на одредено место. Покажете ни ги адресите дека имате 15 или 12 луѓе во стан. Тоа се празни приказни, неосновани, лажни приказни кои секогаш се алиби за изгубени избори“, рече Вучевиќ кој е министер за одбрана во техничкиот мандат.

Видете и ова: Српската опозиција потпиша договор за слободни избори во Белград

Тој рече дека секој може да го провери избирачкиот список и информациите за себе, но „не за другите бидејќи се работи за загрозување на приватноста“.

По парламентарните и локалните избори на 17 декември, демократската листа СПН, НАДА и набљудувачката мисија ЦРТА објавија дека власта систематски ги крадела изборите и бараа нивно повторување и меѓународна истрага.

Тие покренаа сомнеж дека најмногу незаконитости имало во Белград со носење граѓани на Босна и Херцеговина и луѓе од места во Србија каде што не се одржале избори на 17 декември да гласаат за владејачката СНС.

Видете и ова: Србија го покани ОБСЕ на нови избори во Белград

ОДИХР на 28 февруари го објави финалниот извештај за изборите во Србија, во кој се наведува дека условите не биле еднакви за сите, бидејќи на нив доминантен бил Александар Вучиќ. Се додава дека евидентирани се притисоци врз вработените во јавниот сектор да гласаат за владата, злоупотреба на јавните ресурси и медиумска доминација на Вучиќ.

На 8 февруари, Европскиот парламент (ЕП) со резолуција побара меѓународна истрага за нерегуларностите на декемвриските избори и суспендирање на финансиите на Европската унија (ЕУ) за Србија во случај да се докаже дека властите извршиле изборна измама.

Локалните избори во декември минатата година во Србија се одржаа во 65 градови и општини, меѓу кои и Белград.