Жител на Санкт Петербург во притвор поради порака „Путин го уби Навални“

Цвеќиња на гробот на рускиот опозициски политичар Алексеј Навални, Москва, 1 март 2024 година.

Окружниот суд во Санкт Петербург му одреди едномесечен притвор на Евгениј Смирнов, жител на тој град, под обвинение за хулиганство бидејќи ја напишал пораката „Путин го уби Навални“, пишува редакцијата на Радио Слободна Европа на англиски јазик.

Инспекторите утврдиле дека Смирнов ја напишал пораката, обвинувајќи го рускиот претседател Владимир Путин за минатомесечната смрт на опозицискиот политичар Алексеј Навални.

Неговата куќа била претресена и одземени му се компјутерот и банкарските картички, а адвокатот побарал Смирнов да биде ослободен.

Видете и ова: Сопругата на Навални ги повика Русите на протест на денот на изборите

Четириесет и седумгодишниот Навални почина на 16 февруари во оддалечен арктички затвор од, како што тврдат руските власти, природна смрт.

Но, неговите поддржувачи и западните функционери истакнуваат дека Путин е одговорен за смртта на неговиот главен политички противник.

Тој беше погребан на 1 март на гробишта во Москва, а во Русија беа уапсени најмалку 120 луѓе поради учество на митинзи во чест на неговиот спомен.

Повеќе од 40 земји повикаа на независна меѓународна истрага за смртта на рускиот опозициски лидер, велејќи дека рускиот претседател Владимир Путин ја сноси крајната одговорност.

Видете и ова: Шефот на руската разузнавачка служба вели дека Навални починал од природна смрт

Во моментот на неговата смрт, истакнатиот критичар на Кремљ отслужуваше 19-годишна затворска казна под обвинение за екстремизам што тој, неговите приврзаници, западни функционери и други ги нарекоа политички мотивирани.

Навални почина откако помина повеќе од 300 дена во самица, а руските судови отфрлија повеќе од 40 жалби што ги поднесе за наводна злоупотреба.

Еден ден пред погребот, Европскиот парламент усвои резолуција со која ги обвини Русија и Путин за смртта на Навални.