Нетанјаху му штети на Израел затоа што не го спречува страдањето на цивилите во Газа, изјави Бајден

Претседателот на САД, Џозеф Бајден.

Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД) Џозеф Бајден во интервју за MSNBC изјави дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху „повеќе му штети, отколку што му помага на Израел“ во неговиот пристап кон војната против Хамас во Газа, пренесува АП.

Американскиот претседател го поддржа Израел во потерата по Хамас - палестинска екстремистичка организација која САД и Европската унија (ЕУ) ја сметаат за терористичка, но рече дека Нетанјаху мора да посвети поголемо внимание на страдањата на невините и на последиците од преземените дејствија.

Израел не се откажува од инвазијата и уништувањето на Хамас, кој на 7 октомври минатата година, заедно со сојузничките палестински екстремистички организации, уби околу 1.200 луѓе, главно цивили, на јужната израелска територија и киднапираше повеќе од 250 заложници.

Видете и ова: Како да се спречи гладот ​​во Газа?

Од почетокот на војната, речиси 31.000 Палестинци, претежно жени и деца, се убиени во Појасот Газа, според тамошното Министерство за здравство управувано од Хамас.

Бајден со месеци предупредува дека Израел ризикува да ја загуби меѓународната поддршка поради зголемениот број цивилни жртви во Газа, а во интервјуто истакна дека односите меѓу него и израелскиот лидер се се позатегнати.

Во интервјуто, американскиот претседател рече дека билансот на жртвите во Газа е спротивен од она за што се залага Израел и дека смета дека тоа е голема грешка.

Осврнувајќи се на потенцијалната израелска инвазија на градот Рафа, каде што 1,3 милиони Палестинци се засолнети од војната, тој рече дека тоа е „црвена линија“ за него, но додаде дека ќе продолжи да снабдува оружје што ги штити израелските цивили од ракети во тој регион.

Видете и ова: Пет лица во Газа загинале од пакети со хуманитарна помош фрлени од авиони

Американскиот претседател рече и дека се надева оти ќе се воспостави привремен прекин на огнот пред почетокот на муслиманскиот пост Рамазан, иако се чини се поневеројатно тоа да се случи.

Хамас не прифаќа договор што го туркаат САД и нивните сојузници - шестнеделна пауза во војната, ослободување на повеќе заложници што ги држи во Газа во замена за палестинските затвореници во израелските затвори и зголемување на хуманитарната помош за Газа.

Околу 100 заложници беа ослободени за време на седумдневниот прекин на огнот на крајот на ноември минатата година, но Хамас одбива повеќе да ослободи освен ако не постои гаранција за целосен прекин на непријателствата.