ТИРЗ го раскина договорот за изградба на фабрика за електрични автомобили „е.ГО“ во Тетово

Државниот врв на Македонија го промовира проектот за отворање на нова фабрика за производство на електрични автомобили во Тетово..

Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ) го запира договорот со германската компанија „НЕКСТ.Е.ГО МОБИЛЕ“ која најви инвестиција во изградба на микро фабрика за електричните автомобили „е.ГО.“ во економската зона во Тетово, а во која се велеше дека се очекува да бидат отворени 900 нови работни места.

Како што соопштуваат од ТИРЗ, извршувањето на Договорот за доделување на државна помош се запира поради несолвентност на компанијата „мајка“, како и секоја постапка предвидена за доделување на јавни средства.

„Запирањето на доделувањето на државна помош следи по добиени јавно достапни информации за поднесено барање за несолвентност на компанијата „мајка“ во СР Германија. Барањето е поднесено пред надлежните судови во оваа земја. Со ова, Дирекцијата за ТИРЗ, како застапник на Владата ги активира заштитните механизми во потпишаниот договор, кои ги предвидуваат и овие околности (стечај, ликвидација), како предуслов за запирање на доделување на државна помош“, велат од Дирекцијата за ТИРЗ.

Видете и ова: Македонскиот е.ГО - најавен помпезно, но полн со „тајни“

Оттаму наведуваат дека и покрај доставените барања од страна на инвеститорот, досега не се доделени никакви средства на компанијата.

Инвеститорите и македонскиот владин врв на 13 август 2022 година ја промовираа инвестицијата. Најавено беше дека државната помош за проектот ќе изнесува 35 отсто од вкупната инвестиција од 130 милиони евра.

Македонските политичари проектот го најавија како голема германска инвестиција. Државниот врв предводен од тогашниот премиер Димитар Ковачевски, министерот за финансии Фатмир Бесими, министерот за економија Крешник Бектеши и директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски најавија „нова ера во стратешките инвестиции на Владата“ велејќи дека за прв пат во Македонија ќе се произведуваат електрични автомобили.

Фирмата „НЕКСТ.Е.ГО МОБИЛЕ“, со која Владата го потпиша Договорот за државна помош за изградба на микро фабрика, преку своите комуникациски канали се претставуваше како компанија со амбиции слични на гигантите во автомобилската индустрија, со оглед дека освен во Македонија, велеше дека планира потенцијални фабрики во Бугарија, Грција, Мексико, Кина, Индија, Бразил и Тајланд.

Видете и ова: Експеримент: Разликите во трошоците за електричен и обичен автомобил во 2022

Компанијата во 2018 година за прв пат започна да ја произведува својата палета електрични автомобили „e.GO Life“ во својата фабрика во индустрискиот парк Ахен Роте Ерде. Таа во Германија го промовираше својот автомобил како поевтин за разлика од конкурентните електрични автомобили во неговата класа.

За германската фирма, уште во време кога владиниот врв го најавуваше проектот во Тетово, беа објавувани информации, меѓу кои и на германски портали, дека во Германија била отворена стечајна постапка, односно дека Окружниот суд во Ахен отворил процес за неликвидност на фирмата.