Вучиќ - Србија го извезува сето оружје што може да стигне да го произведе

Српскиот претседател Александар Вучиќ.

Србија го извезува за продажба сето оружје што може да стигне да го произведе, изјави шефот на државата Александар Вучиќ.

Како што пренесува Фонет, тој рекол дека интересот е толку голем што Србија би можела да продаде се што ќе направи за 30 години со само еден договор.

„Трката во вооружување започна кога светот сфати дека рускиот претседател Владимир Путин нема лесно да биде поразен. Затоа сите се вооружуваат пет пати побрзо“, рече Вучиќ на 9 март за време на посетата на Воено-техничкиот институт (ВТИ) во Белград.

Зборувајќи за домашното производство, Вучиќ на изложбата на воената опрема рече дека во наредниот период целта е да се произведат 5.000 беспилотни летала камикази „комарци“ развиени од експерти на ВТИ. Тој додаде дека планот е до септември да се пушти во употреба извидувачкото беспилотно летало „Врабец“.

Видете и ова: Што содржи договорот за набавка на системите за противоклопна борба?

По почетокот на руската инвазија на Украина на 24 февруари 2022 година, Вучиќ постојано најавуваше дека Србија не извезува оружје во Киев и Москва. Веднаш по избувнувањето на војната меѓу Русија и Украина, Белград воведе мораториум за одржување воени вежби со странски партнери.

Државниот секретар на Министерството за одбрана на Србија, Немања Старовиќ, на 9 март изјави дека Србија во последните две години имала значителна воена соработка со членките на НАТО алијансата.

„Со оглед на новосоздадените околности, соработката на Србија со Русија не е значително развиена од почетокот на војната во Украина“, изјави Старовиќ за Гласот на Америка.

До војната во Украина, српските вооружени сили имаа вежби во земјата и во странство со армиите на поранешниот источен блок, Русија и Белорусија, како и вооружените сили на Западот, Соединетите Американски Држави и други припадници на Северноатлантска алијанса.

Од 2006 година Србија е членка на програмата Партнерство за мир, што се смета за прв чекор кон членство во НАТО алијансата. Во 2007 година, официјален Белград ја прогласи Србија за воено неутрална.