МВР - Лични карти ќе се издаваат во полициски станици во Скопје

Илустративна фотографија.

Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска соопшти дека ќе почне со нов начин на издавање лични карти за жителите на Скопје, поради недоволна ефикасност со доставувањето на личните карти на домашна адреса.

Процесот ќе започна од понеделник на 11 март во просториите на месно надлежните полициските станици, според место на живеење на граѓанинот наведено во личната карта.

„Секој граѓанин ќе може да пристапи во кој било период од денот, секој ден од неделата, со цел да си ја подигне готовата лична карта“, наведуваат од МВР.

Видете и ова: Пратениците ќе расправаат за можноста да се гласа со истечени документи

Од МВР велат дека знализа на успешноста на доставата на лични карти на домашна адреса на граѓаните на територија на Град Скопје довела до заклучок дека е нецелосна, несеопфатна и недоволно ефикасна и дека го нема посакуваниот ефект и кај граѓаните и кај полициските службеници кои биле задолжени за достава.

Промената на личните и патни исправи е обврска од Преспанскиот договор кој Македонија го потпиша со Грција на 17 јуни 2018 година.

Иако роковите од Договорот почнаа со промената на Уставот во февруари 2019 година, Северна Македонија не почна навреме да издава лични документи со новото име, па и граѓани кои вадеа лични документи во 2021 година, повторно ги добиваа со старото име Република Македонија.