Под слоганот „Црвена линија: Правата на жените не се за преговарање!“, денеска во Скопје се одржа Марш за женските права по повод Меѓународниот ден за економска, политичка и општествена борба за рамноправност на жените – 8 Март.
Маршот го организираше Платформата за родова еднаквост, во која се обединети триесетина невладини организации. Започна од плоштадот „Скендербег“, а заврши во паркот „Жена борец“ спроти на Собранието во центарот на главниот град. Попатно, учесниците поминаа и пред Владата. И пред владината и пред зградата на парламентот тие оставија црвено платно кое, како што рекоа, ја симболизираат црвената линија дека нема преговарање за правата на жените.
„За женски права не се преговара“, „Преку глава од немање права“, „Жени, живот, слобода“, „Уа за фашизмот, уа за патријархатот“, беа дел од слоганите што ги извикуваа учесниците кои побараа и правата на жените да не се користат за политички предизборни ветувања.
Организаторите порачаа дека оваа година маршираат и за „солидарност со жените во Газа“ – што како слоган неколкупати го скандираа, а беше и една од пораките на десетината транспаренти.
„Нема феминизам без антиколонијализам“, „Жени револуционерки, а не измеќарки на капитализмот“, „Ниедна жена не е слободна додека сите од нас не се слободни“, „Доста се кратат правата на жените Ромки“, „Платен домашен труд“, беа дел од останатите пораки на транспарентите испишани на македонски, албански и англиски јазик.
Од крајната дестинација на денешниот марш – паркот „Жена борец“ организаторите ги упатија своите барања. Меѓу нив беа неограничен и бесплатен абортус во секоја општина бидејќи, како што рекоа, секоја жена има право да одлучува за себе и тоа е нејзина единствена одлука
„Бараме еднаква плата за еднаква работа. Правилен надомест кој реално ќе го отсликува трудот на жената. Ниту една жена не смее да остане без плата и работа поради бременост, а родителското отсуство мора да биде задолжително за двајцата родители“, рече Јана Коцевска од Платформата за родова еднаквост.
На листата барања се најдоа и подеднаква застапеност на жените на позициите на моќ како на државните функции така и во приватниот сектор, конечно решавање на статусот на сите работнички во културата, платено породилно и болничко отсуство за земјоделките, енергична акција и решителност на институциите за справување со фемицидот итн.
„И конечно, бараме државата да вложува во борбата против митото и корупцијата кои несразмерно ги погодуваат жените и се причина за заминување на младите“, рече Коцевска.
Ова е осма година по ред во организација на невладиниот сектор да се маршира како потсетник за женските права. Осмомартовски маршеви денеска се организираа и во останатите поголеми градови во регионот.
Видете и ова: Кандидатките се жигосуваат зашто се жениПо повод 8 март во земјава се одржаа и други настани, меѓу кои и пленарна седница во Собранието посветена за улогата на жените во актуелниот 10. парламентарен состав. Меѓу заклучоците кои произлегоа од оваа седница беа дека е постигнат напредок во законодавните промени за родова еднаквост, но тоа не е доволно и оти во реалноста има потреба од практична имплементација на сите документи посветени на родовата еднаквост. Пратеничките порачаа и оти мора сериозно да се работи за да разбијат стереотипите и да се поттикнат иницијативи за подигање на јавната свет за еднакви можности на сите.
Пленарна седница посветена само на родовата еднаквост во законодавниот дом за првпат се одржа лани на 8 март кога се одбележа и 20-годишнината од формирањето на Клубот на пратенички.