Протестен марш во Скопје: За женски права не се преговара!

Осма година по ред се организираше маршот како потсетување дека „женските права се важни, секој ден, во секој сегмент од живеењето“

Сите ние мора да имаме загарантирани еднакви права и можности – еднаков пристап до здравствени услуги без да биде загрозена нашата автономија, достапност на бесплатни гинеколошки прегледи во секој град и во секое населено место, менструални и хигиенски продукти, достојни болнички услови и лекарска експертиза, еднакви плати за иста работа, вклученост во донесувањето на одлуки, безбедност на работното место, вреднување на неплатениот домашен труд, живот без насилство – физичко и дигитално, безбедност во јавниот и приватниот простор, фер и непристрасно институционално постапување, независност и сигурност – во сите сегменти од живеењето, рекоа од Платформата за родова еднаквост пред почетокот на маршот.

Платформата за родова еднаквост организираше протестен марш во Скопје на којшто се испишуваат осум црвени линии, меѓу кои еднакви плати меѓу мажите и жените, 50 проценти застапеност на жените на позициите на моќ и решителност на институциите во борба и активност во справување и препознавање на фемицидот.

Борбата уште не е завршена, имаме уште многу работа за да стигнеме до еднакви права, велат организаторите и учесниците.

Во период кога се водат интензивни политички, економски и социјални преговори, потсетуваме дека правата на жените не се за преговарање, потенцираа учесниците во маршот.

Повлекуваме црвени линии за нашите здравствени, образовни, работнички, културни, политички и економски права! Затоа што сите ние мора да имаме загарантирани еднакви права и можности, им порачаа учесниците во маршот на институциите и на политичарите.

“Дали е среќен 8 Март”, “Не преговарам за моите права”, “Платен домашен труд”, беа само дел од написите на транспарентите на учесниците.

Правата на жените Ромки се меѓу „најкршените во државата“, велат учесниците во протестниот марш и додаваат дека на тоа поле треба многу работа.

На маршот имаше и транспаренти поврзани со правата на жените Ромки, како и транспаренти за солидарност со палестинските жени во Газа.

Треба сите здружено заедно со граѓанскиот сектор, институциите, но и луѓето што ги претставуваме заеднички да работиме на менување на свеста пред се за да дојдеме до општествена трансформација која потоа би ни дозволила секој подеднакво да ги ужива своите права, порачаа од маршот.

Маршот заврши во паркот Жена борец, наспроти Парламентот од каде беа испратени пораки до институциите и до креаторите на политиките.