Канцеларијата на Обединетите нации за човекови права на 8 март соопшти дека не смее да се дозволи израелска офанзива во пограничниот град Рафа во Газа, бидејќи тоа ќе предизвика огромни загуби на палестински животи.
„Доколку Израел ја започне својата заканувачка воена офанзива во Рафа, каде што 1,5 милиони луѓе се раселени во нехумани услови, секој копнен напад на Рафа би предизвикал огромни загуби на животи и би го зголемил ризикот од дополнителни злосторства против човештвото“, рече Џереми Лоренс, портпарол на Канцеларијата на Обединетите нации за човекови права.
„Ова не смее да се случи“, додаде тој.
Видете и ова: ЕУ тестира поморски пат за да испорача помош за ГазаИгнорирајќи ги меѓународните повици за запирање на воената операција, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на 7 март рече дека Израел ќе продолжи со офанзивата против движењето Хамас што владее со Газа, вклучително и во Рафа, град што тој го опиша како „последното упориште на Хамас“. Хамас е прогласена за терористичка организација од САД и ЕУ.
Се проценува дека бегајќи од нападите 1,5 милиони луѓе се натрупани во Рафа, град во јужниот дел на Појасот Газа долж границата со Египет.
Војната во Газа, меѓу Израел и Хамас, започна на 7 октомври, откако милитантите на Хамас убија речиси 1 200 луѓе во јужен Израел и киднапираа речиси 250 други.
Министерството за здравство на Газа, кое е под контрола Хамас, тврди дека загинале повеќе од 30 000 луѓе, околу 7 000 се водат за исчезнати, а 71 700 се повредени.
Војната уништи големи делови од Појасот Газа и предизвика хуманитарна криза за 2,3 милиони жители на оваа територијата.