Украинскиот претседател Володимир Зеленски пристигна во Турција на 8 март на разговори со неговиот колега Реџеп Таип Ердоган за војната со Русија, одбранбената соработка и безбедноста на извозот на украинската храна.
Пристигнувањето на Зеленски го објавија и украинските и турските државни медиуми.
Украинското претседателство соопшти дека Зеленски и Ердоган ќе разговараат и за мировиот план од 10 точки на Киев кој се однесува на ставање крај на конфликтот, заедно со ослободување на сите украински заробеници, како и обезбедување глобална стабилност на храната преку безбеден транзит на украинско жито низ Црното Море.
Украинската мировен план бара о повлекување на сите руски трупи од Украина, враќање на постсоветските граници на земјата од 1991 година и одговорност на Русија за нејзините постапки. Кремљ претходно се откажа од ваквите услови.
„Посебно внимание за време на посетата ќе биде посветено и на заедничките проекти во одбранбено-индустриската сфера“, се вели во соопштението на Телеграм од украинското претседателство, додавајќи дека Зеленски ќе ги посети бродоградилиштата каде што се градат корвети за украинската морнарица и ќе се сретне со претставници на турските одбранбени компании.
Видете и ова: Нов бран напади со дронови и во Украина и во РусијаТурското претседателство соопшти дека разговорите ќе опфатат „детална дискусија за текот на војната меѓу Украина и Русија, неодамнешната ситуација на контакти во врска со продолжувањето на Договорот за коридор за жито и напорите за траен мир во регионот“.
Состанокот доаѓа во период кога Киев бара поголема поддршка од своите сојузници во НАТО, додека Анкара се позиционира како потенцијален посредник меѓу Русија и Украина.
На почетокот на состанокот, Зеленски на платформата X (поранешен Твитер), објави дека Анкара и Киев треба да соработуваат за да постигнат безбедност на навигацијата и транспортот на храна преку Црното Море, додавајќи дека Украина, исто така, сака посилни одбранбени врски со Турција и има потреба од нејзина помош при ослободувањето на затворениците.
„Заинтересирани сме за зајакнување на билатералната соработка и копродукција со турските одбранбени компании“, рече Зеленски.
Средбата меѓу двајцата лидери е предвидена да се одржи во палатата Долмабахче во Истанбул. По разговорите, Зеленски и Ердоган треба да одржат заедничка прес-конференција.
Членката на НАТО, Турција одржува добри односи со своите соседи од Црното Море и заедно со Обединетите нации посредуваше во договорот што му овозможи на Киев безбедно да извезува жито од своите пристаништа. Но, во јули минатата година Русија го напушти договорот, познат како Црноморска иницијатива, тврдејќи дека нејзиниот сопствен извоз на храна и ѓубрива не ги ужива истите услови.
Турција се обиде да ја убеди Москва да се врати на договорот, но досега Русија одбиваше.
Зеленски последен пат ја посети Турција во јули, кога имаше долги разговори со Ердоган.
Регионалните власти во Украина на 8 март објавија дека во руски ракетен напад претходниот ден врз регионот Суми загинале две лица, а 26 биле ранети.
Во регионот Чернихив, едно лице загинало од руско гранатирање во последните 24 часа, соопшти украинската војска.
Воздухопловните сили собориле 33 од 37 дронови лансирани од Русија во пет нејзини региони, се вели во соопштението на војската на 8 март.