Џафери не е убеден дека е решен проблемот за гласање на граѓаните со „неважечки документи“

На 24 април треба да се одржи првиот круг од претседателските избори, а вториот на 8 мај кога ќе се гласа и на парламентарни избори (архивска фотографија)

Техничкиот премиер Талат Џафери смета дека не е целосно решен проблемот со граѓаните кои се со неважечки документи за да може гласаат на претстојните претседателски и парламентарни изјави.

Неговата изјава доаѓа еден ден откако во Собранието се донесоа измени на Изборниот законик со кои се овозможи граѓаните да може да гласаат со лична карта или пасош доколку документот истекол во период од девет месеци пред избори до денот на гласањето.

„Не сум убеден дека ќе се реши проблемот со патните исправи со огледа на одредбите кои ги регулира и санкционира самиот законот. Во него е предвидено дека сите граѓани кои имаат документи со истечен рок во траење од девет месеци до денот на изборите ќе можат да гласаат. Оние кои им се постари нема да можат – значи делумно е решението, не е целосно. Ако имаме документи со истечен рок од девет месеци на 24 април ќе гласаме, но што ќе правиме на 8 мај? Сакајќи да направиме исклучок правиме друг исклучок што исклучуваме дел од граѓаните“, изјави Џафери на 8 март.

Видете и ова: Ќе се гласа и со „неважечки документи“, Собранието изгласа измени на Изборниот законик

Според него, решението треба да биде отворено односно „граѓаните кои имаат истечени документи да можат да гласаат оваа година без разлика на кој рок истекле“.

„Јас сум убеден дека ќе дојдат пак во Влада за дополнителни решенија. Ќе треба да размислат, или Собранието или ние во Влада ќе треба да го доисправиме овој проблем“, рече Џафери.

Кон измените на Изборниот законик се пристапи откако податоците од Министерството за внатрешни работи покажаа дека повеќе од 100 000 граѓани кои имаат право на глас на претстојните двојни избори немаат важечка лична карта, а пасошите што ги поседуваат се со старото уставно име односно неважечки.

Измените кои беа изгласани за да се овозможи да гласаат оние со неважечки документи, беа поднесени од координаторите на пратеничките групи СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и Алијанса за Албанците.

Меѓу другото, со измените се допрецизираа одредбите во однос на регистрацијата на гласачите со цел сите гласачи кои ги исполнуваат условите да бидат запишани во избирачките списоци, со отстранување на ограничувањата врз основа на истечени документи за идентификација, како и со разјаснување на процедурите за вклучување во избирачките списоци на лицата кои ќе наполнат 18 години помеѓу двата изборни круга.