Во Индија откриена мрежа за трговија со луѓе, завршиле како борци на Русија во Украина

Ознака на униформа на руски војник, септември 2023 година.

Индија соопшти дека открила „голема мрежа за трговија со луѓе“ во која мажи, намамени од ветувањата за работа во Русија, завршувале како борци за руските единици на фронтот во Украина.

„Индиските државјани кои се жртви на трговија со луѓе биле обучени за борбени операции и распоредени во воена зона против нивна волја“, соопшти индиското Централната истражна агенција на Индија (ЦБИ) на 7 март, додавајќи дека некои од жртвите се тешко повредени во воената зона.

Централната истражна агенција соопшти дека досега во Русија се испратени околу 35 мажи. Тоа е за 15 повеќе од бројката што претходно ја спомена индиското Министерство за надворешни работи.

Најмалку двајца мажи кои заминаа во Русија очекувајќи да работат како „помошници“ во армијата, загинаа на линијата на фронтот, соопштија нивните семејства. Амбасадата на Индија во Русија потврди еден од овие смртни случаи.

Трговците со луѓе во неколку индиски сојузни држави таргетираа луѓе преку социјалните медиуми и локални агенти, соопшти ЦБИ.

Видете и ова: Бајден во говорот за состојбата на нацијата: Нема да му се поклонам на Путин

Според ЦБИ, на некои од мажите им бил понуден прием на „сомнителни приватни универзитети“ во Русија, заедно со бенефиции за продолжување на визата со цел да се „фатат“ на мамката.

ЦБИ соопшти дека се вршат претреси на повеќе локации, вклучувајќи го главниот град Њу Делхи и финансискиот главен град Мумбаи, и оти веќе се запленети 50 милиони рупии (околу 650.000 долари) во готовина, заедно со некои документи и електронски записи.

„Осомничените се приведени на сослушување на различни локации“, додаде ЦБИ.

Министерството за надворешни работи соопшти дека секој случај на индиски државјани, кои завршиле како борци во војната, е „остро решен“ со Москва.

Во видеоснимките што кружеа на социјалните мрежи во текот на изминатиот месец, седуммината мажи молеа за помош од индиската влада да се вратат дома, велејќи дека патувале во Русија со туристички визи, но сега се принудени да служат војска.

„Видовме неколку видеа и се обидуваме да стапиме во контакт со тие луѓе“, рече во петокот портпаролот на Министерството за надворешни работи Рандир Џаисвал.

Руското Министерство за надворешни работи не одговори на барањата на Ројтерс за коментар.

Илјадници луѓе загинаа од февруари 2022 година, кога Русија ја нападна Украина во, како што ја нарече, „специјална воена операција“.

Њу Делхи и Москва имаат развиено блиски односи со децении, а Индија одбива да ја осуди Русија за нејзината агресија во Украина, барајќи од двете страни да го прекинат конфликтот преку дијалог и дипломатија.

Индија, исто така, го зголеми купувањето на евтина руска нафта, што ги налути западните престолнини.