Непознати лица го запалиле локалот во сопственост на Наташа Томаниќ, потпретседателката на општина Звечан на северот на Косово. Пожарот избувнал во раните утрински часови на 8 март.
Заменик-директорот на косовската полиција за северниот регион Ветон Елшани за Радио Слободна Европа (РСЕ) изјави дека случајот се истражува, но дека „се сомнева дека пожарот е подметнат“.
Томаниќ за РСЕ изјави дека нејзиниот локал „не бил случајно запален“ и дека се сомнева дека мотивот е тоа што им помогнала на Србите од северот да се вработат во косовските институции.
Томаниќ е потпретседателка на општината која функционира во косовскиот систем.
Таа додаде дека нејзините активности „не кореспондираат“ со Српската листа, најголемата партија на Србите во Косово, која има поддршка од Белград.
„Тогаш имам едно прашање до нив. Зошто се борат да се вратат во косовските институции, ако ние што влеговме во институциите на Косово сме предавници“, рече Томаниќ.
Таа вели и дека штетата што и е нанесена е неколку илјади евра.
Видете и ова: Србите во Северна Митровица протестираат против забраната на динаротРСЕ побара од Српската листа да ги коментира обвинувањата на Наташа Томаниќ, но одговорот не стигна до објавувањето на веста.
Ова не е првпат личниот имот на припадниците на српската заедница да биде запален во општините со српско мнозинство на северот на Косово.
Во текот на 2023 година беа запалени десетици автомобили чии сопственици решиле да ги пререгистрираат од српски на косовски регистарски таблички.
Поради проблемот со регистарските таблички, припадниците на српската заедница на иницијатива на Српската листа ги напуштија косовските институции во ноември 2022 година.
После тоа на власт дојдоа градоначалници Албанци, а нивни заменици главно беа припадници на српската заедница. Во меѓувреме, Српската листа, која прва повика на бојкот на изборите, во октомври минатата година објави дека сè уште е подготвена да учествува на нив.