Претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен денеска (8 март) изјави дека брод со хуманитарна помош од Кипар ќе се упати кон Газа, со цел да се тестира нов поморски коридор за директна испорака на помош.
„Брод што припаѓа на шпанската невладина организација „Опен Армс“ ќе направи пробно патување“, изјави Урсула фон дер Лејен за новинарите во кипарското пристаниште Ларнака, каде присуствуваше на подготовките за испорака на хуманитарната помош.
Според неа, коридорот се очекува да биде отворен во недела (10 март).
Фон дер Лејен, говорејќи на прес-конференција со кипарскиот претседател Никос Христодулис, додаде дека Европската Унија, заедно со САД, Обединетите Арапски Емирати и другите земји партнери, отвораат морски коридор за да испорачаат големи количини помош за Газа како одговор на хуманитарната катастрофа.
„Сега сме многу блиску до отворање на овој коридор, се надевам оваа сабота-недела“, додаде таа.
Видете и ова: Хамас ги напушти мировните преговори на Египет со ИзраелВо заедничката изјава од ЕУ, САД, Велика Британија, Обединетите Арапски Емирати и голем број европски земји се додава дека поморскиот коридор „може и мора да биде дел од континуираните напори за зголемување на протокот на хуманитарна помош и комерцијални стоки во Газа во сите можни правци“.
„Ќе продолжиме да работиме со Израел за да ги прошириме испораките преку копно, инсистирајќи да ги олесни рутите и да отвори дополнителни премини за помошта да стигне до што повеќе луѓе“, се заклучува во соопштението.
Фон дер Лајен даде детали за тоа каде ќе биде доставена помошта во Газа.
Кипар е земја-членка на ЕУ најблиску до Газа, на околу 370 километри. Таа со месеци лобира за да се покрене коридорот, но се соочи со предизвици – од недостаток на пристанишна инфраструктура во Газа до безбедносни прашања.
Фон дер Лајен не ја коментираше најавата на американскиот претседател Џо Бајден дека американската војска ќе изгради „привремено пристаниште“ на брегот на Газа за да прима бродови со храна, вода и лекови.
Претходниот ден американскиот претседател Џо Бајден објави план за отворање на крајбрежно пристаниште за испорака на помош во Газа.
Видете и ова: Бајден во говорот за состојбата на нацијата: Нема да му се поклонам на ПутинПовторувајќи ја својата поддршка за Израел, Бајден во неговото обраќање за состојбата на нацијата, ги повтори повиците до израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да дозволи поголем проток на хуманитарни залихи за Палестинците во Газа.
„На лидерите на Израел, им го велам ова: Хуманитарната помош не може да биде споредна работа или договор за пазарење“, рече Бајден во Конгресот.
Тој, исто така, ги повтори повиците до Израел да стори повеќе за да ги заштити цивилите во конфликтот.
Војната во Газа, меѓу Израел и Хамас, група прогласена за терористичка организација од страна на САД и Европската Унија, започна на 7 октомври, откако милитантите на Хамас убија речиси 1200 луѓе во јужен Израел и киднапираа речиси 250 други.
Министерството за здравство на Газа, кое го води Хамас, соопшти дека загинале повеќе од 30 000 луѓе, а околу 7000 се водат за исчезнати, а 71 700 се повредени. Војната уништи големи делови од Појасот Газа и предизвика хуманитарна криза за 2,3 милиони жители на таа територија.