Амбасадата на Соединетите Држави (САД) во Москва ги предупреди Американците за непосредна закана од напади на големи собири во руската престолнина во следните два дена.
Безбедносното предупредување беше објавено на нејзината веб-страница доцна вечерта на 7-ми март.
„Амбасадата ги следи извештаите дека екстремистите имаат непосредни планови да таргетираат големи собири во Москва, вклучително и концерти, а на граѓаните на САД им се советува да избегнуваат големи собири во следните 48 часа“, се вели во предупредувањето.
Засега нема повеќе детали.
Предупредувањето од САД беше објавено и на веб-страницата на британското Министерство за надворешни работи.
Исто така, Стејт департментот го подигна нивото на ризик за патување во Русија на највисоко, четврто ниво.
Руските власти сè уште не ја коментираат оваа информација.
Во Москва денеска се планирани бројни настани посветени на Меѓународниот ден на жената.