Серверите и сајтот на државната компанија за пренос на струја МЕПСО се паднати веќе два дена. Од МЕПСО потврдуваат дека се цел на хакерски напад, но нагласуваат дека не е загрозена мрежата за снабдување со електрична енергија.
„Иако АД МЕПСО ги има преземено сите мерки за заштита од сајбер напади од највисок степен, сепак, деновиве се соочивме со инциденти од тој вид. Имајќи предвид дека основната дејност на АД МЕПСО е пренос на електрична енергија и управување со електроенергетскиот систем, ја информираме јавноста дека критичната електроенергетска инфраструктура е безбедна, целосно функционална и не е предмет на овој сајбер напад. Тоа значи дека целосниот интегритет на електроенергетската мрежа и снабдувањето со електрична енергија не се загрозени“, соопштија од МЕПСО.
Од компанијата велат дека ги известиле сите надлежни институции и дека стручните служби во компанијата помогнати со надворешни експерти се обидуваат да ги ублажат ефектите и да ја нормализираат работата.
Во 2023 година имало најголем број на пријави за хакерски напади врз државните институции во земјава. Само до средината на август 2023 година, бројот на пријави бил 155, од кои 12 се водат како сериозни инциденти.
На 1 септември 2023 година, Генералниот секретаријат на Владата склучи договор за софтверски лиценци со компанијата Аитоникс од Скопје во вредност од 23.027.141 евра. Оваа сума е за 8 милиони евра поскапа од последниот договор од пред три години, кога Владата издвои 15 милиони евра за заштита на институциите од сајбер безбедност со истата компанија.
Во исто време Министерството за информатичко општество и администрација достави предлог законот за безбедност на мрежи и информациски системи.
Од законот треба да произлезе Агенцијата за сајбер безбедност и дигитална трансформација, која ќе биде надлежна за спроведување на законот заедно со домашни институции и тела.