Македонско – бугарската комисија одржува состаноци, но не напредува

Македонско - бугарска комисија за историја

Последниот состанок на Македонско – бугарската комисија се одржал во февруари, а следниот е најавен за во април. Академик Драги Ѓоргиев, кој е копретседател на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија вели дека состаноците се одржуваат редовно, но засега нема никаков напредок.

Дневниот ред се одредува пред самиот состанок, па Ѓорѓиев не одговори кога ликот и делото на Гоце Делчев ќе бидат ставени на дневен ред на Комисијата.
Посочи дека Комисијата дискутира за македонските учебинци за седмо одделение и за бугарските учебници за шестто одделение.

„Нема усвоено никакви препораки за учебниците за седмо одделение и во тек е дискусија за нив веќе подолго време. Така да нема никакви препораки, кои се дадени до владите на двете земји за учебниците по седмо одделение. Се дискутира за учебниците за македонскиот образовен систем и шестто одделение за бугарскиот образовен систем, веќе ги завршивме тие. Тоа е среден век“, изјави Ѓоргиев.

Видете и ова: И Холокаустот повод за македонско - бугарски тензии

Заедничката македонско-бугарска Комисија за историски прашања пред две години усвои и објави препораки кои се однесуваат на подобрување на учебниците по историја за 6-то одделение во Северна Македонија и 5-ти клас во Бугарија, како и препораки за заедничко чествување на личности од средниот век – Св. Кирил и Методиј, Св. Климент, Св. Наум и Цар Самоил.

Инаку македонско – бугарските односи се нарушени по бугарско вето за старт на македонските преговори за влез во ЕУ, бидејќи Бугарија не го признава македонскиот јазик и делови од историјата и се жали на дискриминација на свои граѓани во земјава.

Ѓоргиев изјави дека Комисијата ќе работи се додека има простор за разговор но не одговори дали може да се очекува напредок по толку поминати состаноци и дали ќе имаат некое решение, кое ќе го објават на јавност.

„Треба да се водат разговори, дијалогот треба да продолжи, а за резултатите кога ќе бидат тоа е неизвесно“, рече Ѓоргиев.

Не се знае ниту дали ќе има промени на членовите на македонско-бугарската историска комисија, Ѓоргиев истакна дека тоа не зависи од членовите, туку тоа како што рече зависи од политичката гарнитура.