Бугарското МНР реагира на изјавите на Пендаровски, на разговор повикана македонската амбасадорка

Знамињата на Северна Македонија и Бугарија

Бугарското МНР ја повика на разговор македонската амбасадорка во Софија како реакција на изјавите на претседателот Стево Пендаровски упатени кон Бугарија. Во реакцијата објавена на сајтот на бугарското мнр велат дека категорично се спротивставуваат на обидот за повторно вовлекување на Бугарија и билатерални односи во внатрешно-политичка дебата во Македонија.

„Бугарија постојано поддржува конструктивен тон и се воздржува од коментари на постојаните провокации во јавниот простор на Северна Македонија. Тоа го прави со разбирање дека е неопходно да се обезбеди конструктивна средина за нормално одвивање на изборниот процес и средина на општествено спокојство за да може да се реализираат неопходните реформи. За жал, очигледно е дека овие напори на Бугарија не наидуваат на разбирање и не се ценат од одредени фактори во Скопје, кои продолжуваат да ја користат нашата земја како оправдување за недостигот од напредок пред своите граѓани“, се вели во соопштението.

Видете и ова: Жељасков - Од ЕУ ве делат уставните измени и говорот на омраза

Во него, бугарското МНР уште еднаш ја поканува политичката елита во Северна Македонија да ја покаже неопходната политичка зрелост, да даде конструктивен придонес за исполнување на преземените политички обврски во рамките на компромисот од 2022 година и Договорот за добрососедство од 2017 година.

„Таaa е единствената можност за постигнување реален напредок во процесот на европска интеграција на земјата во полза на нејзините граѓани“, се додава во соопштението од бугарското МНР.

Инаку деновиве претседателот Пендаровски во интервју за телевизија Сител кажа дека македонското малцинство во Бугарија во последните 70-80 години е малтретирано и преживувало вистинска голгота.

Односите меѓу Северна Македонија и Бугарија се напнати во изминатите години, откако Софија започна со блокада на македонските евроинтеграции во 2019 година.

Минатото лето Бугарија, како и Северна Македонија, го усвоија таканаречениот француски предлог и Софија го укина ветото за почеток на преговорите за влез на Северна Македонија во Европската Унија (ЕУ).

За да почне отворањето на поглавјата со ЕУ како услов остана промена на македонскиот Устав за да бидат вметнати Бугарите во Преамбулата.