Најмалку двајца загинати и 15 ранети во руско гранатирање

Спасувачите работат на местото на трговскиот центар кој бил уништен за време на руски воен напад во Никопол, 6 март 2024 година

Во руското неселективно гранатирање на цивилни области во три украински региони загинаа најмалку две лица, а беа ранети уште 15, соопштија регионалните власти на 7 март.

Гувернерот на регионот Харков, Олех Синјехубов, изјави дека 70-годишен маж бил убиен од руски проектил „Искандер-М“ во селото Борова, при што биле ранети осум цивили, меѓу кои пет деца.

Гувернерот на областа Доњецк, Вадим Филашкин, изјави дека едно лице загинало во руското гранатирање во Нетајлов, а три други се ранети.

Олександр Прокудин, гувернер на регионот Керсон, изјави дека четири лица биле ранети во руското гранатирање низ регионот.

Министерството за одбрана на Русија пак, соопшти дека на 7 март уништило шест украински беспилотни летала во три руски региони. Еден дрон беше пресретнат над Курската област, три биле уништени над Брјанската област и уште два во областа Тула.

Во моментов нема извештаи за жртви или материјална штета.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Докази дека руските трупи поставуваат забранети мини во Украина

Ден претходно, украинско беспилотно летало се урна во фабриката за рударство и преработка Михајловски во Железногорск, Курска област, предизвикувајќи пожар откако удри во резервоар со гориво. Украина не ја коментираше веста.

Во меѓувреме, литванските разузнавачки агенции во извештајот од 7 март објавија дека високите цени на нафтата, затајувањето на санкциите и државните инвестиции и даваат на Русија доволно ресурси да се бори во Украина со нејзиниот сегашен интензитет уште најмалку две години.

Агенциите, во својата годишна проценка за заканите со кои се соочува балтичката земја, наведоа дека Русија ја реформирала и ја зајакнала својата армија десеткувана од борбата во Украина во 2023 година и е на пат да ги прошири своите воени капацитети долж границата со НАТО, вклучително и Финска, која влезе во Алијансата минатата година.