Година и осум месеци затвор за сопственикот на „Беса транс“

илустрација

Сопственикот на „Беса Транс“, Беким Хаџиу, доби една година и осум месеци казна затвор и парична казна од 800 000 денари, а изречена беше и четиригодишна забрана за вршење на меѓународен превоз на компанијата.

Според судот, сопственикот и превозникот се виновни бидејќи немале извод од лиценцата која треба да ја издаде Министерство за транспорт и врски, а границата се поминувала со лажен документ.

Според обвинението, Хаџиу, како управител на фирмата „Беса Транс БТБ ДООЕЛ Скопје“ од Рашче, искористувајќи ист траен однос, исти прилики и слични околности, преку возачите кои управувале автобус во сопственост на фирмата, извршил повеќе временски поврзани дејствија и употребувал како вистинска - лажна јавна исправа, односно Извод од лиценца за вршење на јавен превоз во меѓународниот патен сообраќај.

Видете и ова: Судски вештак повторно ќе врши увид на местото на несреќата на автобусот на Беса транс

Денешната пресуда се однесува на продолженото кривично дело „фалсификување на исправа“, а не за причините за сообраќајната незгода.

Автобусот на „Беса Транс“, на враќање од Истанбул се запали и изгоре на автопатот Струма во Бугарија на 23 ноември минатата година. Во несреќата загинаа 45 лица, а седуммина преживеаја.

Заклучокот од истрагата на бугарското обвинителство е дека единствена причина за несреќата е човечка грешка на возачот. Бугарскиот тим истражители, исто така, ја отфрли верзијата дека ознаката на патот можеби е причина за трагичната несреќа.