Досегашната премиерка на Србија, Ана Брнабиќ, е кандидатка за претседателка на српскиот парламент, соопшти Александар Вучиќ, претседател на Србија и член на претседателството на владејачката Српска напредна партија (СНС), по партискиот состанок.
„Ана Брнабиќ беше моето најпозитивно изненадување, најмногу напредуваше, се бореше толку силно и храбро“, изјави Вучиќ.
Брнабиќ е премиерка на Србија во три мандати, почнувајќи од 2017 година.
Во српската влада влезе во август 2017 година како министерка за државна администрација и локална самоуправа.
Кандидат за градоначалник на Белград ќе биде Александар Шапиќ, кој на таа функција беше и во претходниот мандат, потврди Вучиќ.
Според неговите зборови, претседателот на СНС, Милош Вучевиќ побарал уште седум до десет дена за консултации за мандатот за формирање на новата Влада на Србија.
Листата на СНС го освои мнозинството мандати во српскиот парламент за самостојно формирање влада.
Во Србија на 17 декември се одржаа вонредни парламентарни, покраински и локални избори во 65 општини и градови, меѓу кои и во Белград.
Изборите во Белград се повторуваат бидејќи немаше потребно мнозинство за да се формира власта.
По декемвриските избори, Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) даде 25 препораки за подобрување на изборниот процес.
Видете и ова: Брнабиќ: Извештајот на ОБСЕ става крај на наводите за изборна кражба
ОДИХР оцени дека на декемвриските избори во Србија „доминирало решително учество на претседателот, кое заедно со системските предности на владејачката партија создало нефер услови за учесниците“.
Дел од опозицијата побара поништување на изборите на сите нивоа поради нерегуларности на кои укажаа домашни и меѓународни набљудувачи кои државниот врв и владејачката СНС ги отфрлаат.
Европскиот парламент на 8 февруари усвои Резолуција со која бара меѓународна истрага за наводни нерегуларности за време на изборите во Србија, како и суспендирање на европските фондови, доколку се докаже дека властите биле директно вмешани во изборна измама.