Протест во Белград против полициска бруталност врз ЛГБТ+ лицата

Србија - Протест против полициската бруталност врз ЛГБТ+ лицата, во Белград, 6 март 2024 година.

Протест под мотото „Не молчиме!“ се одржа во центарот на Белград против полициска бруталност врз ЛГБТ+ лицата.

На протест повика невладината организација за заштита на правата на ЛГБТ+ „Да се знае“, поради, како што велат, одлуката на полициската станица „Нов Белград“ да одбие претставка за работата на полициски службеници.

„Прајд“ во Белград: Законот за истополови бракови е „под клуч“ во Владата


Протестот следува откако на 26 февруари, организацијата „Да се знае“ обвини полициски службеници дека злоупотребиле две ЛГБТ+ лица, при претрес на стан во Белград поради пријава дека во станот има дрога.

Случајот го опишаа како најтешкиот што го забележале досега, додавајќи дека двете лица се здобиле со физички повреди и психичка траума.

Истиот ден полицијата соопшти дека постапува по пријава за работа на полицискиот службеник и „утврдување на вистинитоста на наводот“.

Оттаму додаваат дека полициските службеници „доколку се утврди дека ги пречекориле овластувањата, ќе бидат санкционирани согласно закон“.

Од канцеларијата на Заштитникот на граѓаните ден подоцна соопштија дека е поведена постапка поради сомневање дека полициските службеници ги пречекориле овластувањата.
Министерството за внатрешни работи не одговори на барањето на Радио Слободна Европа (РСЕ) за наводите дека е одбиена претставка за работата на полициските службеници.

Видете и ова: Тројца нападнати во Белград поради сексуална ориентација

Меѓународната организација за човекови права Human Rights Watch (HRW) предупреди дека ЛГБТ+ луѓето во Србија се соочуваат со нетолеранција, закани и насилство, во својот извештај објавен на почетокот на годинава.

Невладината организација „Да се знае“, која обезбедува правна и психолошка поддршка на ЛГБТ+ лицата во Србија, документирала повеќе од 80 случаи на насилство и дискриминација врз припадниците на таа заедница во текот на 2023 година.

Како што се наведува, најголемиот дел од случаите не се пријавуваат во полиција, поради недоверба во институциите.

Протест против полициска бруталност врз ЛГБТ+ лицата, Белград, 6 март 2024 година.

Во септември 2023 година, во Белград се одржа Парада на гордоста, на која ЛГБТ заедницата бараше да ги оствари своите права во Србија. Тогаш организаторите најавија дека Законот за истополови бракови е „под клуч“ во владата. Ова е едно од главните барања на ЛГБТИ+ заедницата во Србија.

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека додека е претседател нема да го потпише законот за истополови бракови, ниту законот кој, како што рече, ќе создаде „некој трет пол каде што не сте маж или жена“.