Амбасадорите на земјите - членки на Европската унија го усвоија преговарачкиот мандат на Советот на ЕУ за Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан.
Усогласувањето со надворешната политика на ЕУ станува важен елемент при одлучувањето за распределбата на финансиските средства од Планот за раст за регионот.
„Плаќањата ќе бидат предмет на строги услови во однос на постигнување на реформите наведени во Реформската агенда договорена за секој партнер. Во својот мандат, Советот става поголем фокус на усогласувањето на партнерите со заедничката надворешна и безбедносна политика“, се вели во соопштението од Советот на ЕУ.
Усвојувањето на мандатот е неопходно за Советот со договорен став да почне преговори со Европскиот парламент при изготвувањето на конечниот текст на одлуката.
Планот за раст на Западен Балкан беше претставен од Европската комисија во ноември 2023 година. Тој изнесува шест милијарди евра, од кои две милијарди евра се во форма на грантови, додека останатите четири милијарди евра се во форма на заеми со поволни услови.
Целта на Европската комисија е да ја удвои економијата на регионот во следните десет години.
Сепак, според предложениот план, финансиската помош е условена со реформи во секоја земја од регионот, кои се однесуваат на принципите на демократијата и владеењето на правото.
Значаен елемент станува и усогласувањето со надворешната политика.
„Согласно усвоениот мандат, се зајакнува улогата на Советот на ЕУ во следење на исполнувањето на условите и следењето на исполнувањето на предусловите за поддршка на ЕУ и оценувањето на исполнувањето на плаќањата“, соопшти Советот на ЕУ.
Планот за раст на Западен Балкан се заснова на четири столба.
Тие имаат за цел да ја подобрат економската интеграција на партнерите од Западен Балкан со единствениот пазар на ЕУ, да ја поттикнат економската интеграција во регионот преку заеднички регионален пазар, да ги забрзаат фундаменталните реформи и да ја зголемат финансиската помош за поддршка на реформите.