Русија го додаде шаховскиот велемајстор и политички активист Гари Каспаров на листата на „терористи и екстремисти“, се вели во известувањето на руската финансиска разузнавачка служба, пренесе новинската агенција АФП.
Каспаров, повеќекратен светски шампион во шах, е долгогодишен противник на Владимир Путин, претседателот на Русија и живее во Соединетите Американски Држави (САД) речиси една деценија.
Во 2013 година, плашејќи се од правна постапка, тој ја напушти Русија и од САД продолжи да ја осудува руската влада и нејзината војна во Украина.
Руските власти веќе го означија Каспаров како „странски агент“ во 2022 година.
Актуелните власти во Русија тој термин го користат за своите противници, новинари и борци за човекови права.
Повеќето од главните противници кои останаа во Русија се во затвор, додека други се во егзил.
Видете и ова: Каспаров - Русија може да се откаже од некои територии ако ја загуби војната во УкраинаГари Каспаров, роден 1963 година во Азербејџан, важи за еден од најголемите шахисти во светот.
Тој беше светски шампион на Меѓународната шаховска федерација ФИДЕ во периодот од 1985 до 1993 година, а до 2000 година беше и светски шампион на Федерацијата на професионални шахисти, која Каспаров ја формираше со Најџел Шорт.
Според класичниот Фиде метод, Каспаров е еден од тројцата шахисти со шест светски титули. Покрај него се Емануел Ласкер (1894-1921) и Анатолиј Карпов (1993-1999), потсетува АФП.
Каспаров во интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ) објавено на 1 март, изјави дека сегашните граници на Русија „можеби не мора нужно да останат“ доколку Москва ја загуби војната во Украина, но нагласи дека целосен колапс на Русија е малку веројатен.
Зборувајќи за можните области кои би можеле да се отцепат од Руската Федерација, Каспаров ги наведе републиките Татарстан, Башкортостан, Дагестан и Чеченија, но додаде дека се уште не е јасно што ќе следи по војната.
„На крајот, економските фактори ќе играат голема улога во ова прашање. Но, денес е многу важно да не се поддржува позицијата на обединета и неделива Русија“, рече Каспаров, додавајќи дека верува дека „промената на империјалистичкиот карактер на Русија е неопходна за нејзино преобликување“.
Тој рече дека руската јавност сè уште не разбира дека војната оди кон пораз и дека „диктатурата на Путин нема да опстане“.
Каспаров е познат како остар критичар на политиката на Кремљ, вклучувајќи ја и војната во Украина.