ИОМ:2023 е најсмртоносна за мигрантите, загинаа повеќе од 8.500 луѓе

Мигранти во мал дрвен чамец чекаат да бидат спасени од германската невладина организација Sea-Watch, во меѓународните води во близина на брегот на Либија, 1.08.2021

Најмалку 8.565 луѓе загинаа на мигрантските рути ширум светот минатата година, што ја прави 2023 година најсмртоносна за мигрантите досега, објави Агенцијата за миграција на ОН (ИОМ).

ИОМ наведува дека бројот на загинати мигранти во 2023 година го надминал бројот на повредени и исчезнати на глобално ниво во претходната рекордна 2016 година, кога животот го загубиле 8.084 лица.

Бројот на смртни случаи минатата година бил за 20 отсто поголем од претходната година, пренесе Ројтерс.

„Овие ужасни бројки собрани од „Проектот за исчезнати мигранти“ се потсетник дека мораме повторно да се посветиме на поголема акција што може да обезбеди безбедна миграција за сите, така што за десет години луѓето не мора да ги ризикуваат своите животи во потрага по подобр“, рече Угочи Даниелс, заменик-генерален директор на ИОМ.

„Проектот за исчезнати мигранти“, иницијатива на ИОМ која ги евидентира смртните случаи и исчезнувањата на мигрантите од 2014 година, откри дека Медитеранскиот премин и понатаму е најсмртоносната рута за мигрантите, со најмалку 3.129 смртни случаи и исчезнувања регистрирани во 2023 година.

Видете и ова: Албанскиот парламент го изгласа договорот за мигранти

„Фридом Хаус“, меѓународна организација која ја документира состојбата со човековите права и слободи во светот, во последниот извештај објави дека мигрантите и бегалците биле подложени на произволна депортација и физичко насилство низ светот во 2023 година.

Организацијата посочи неколку од најдрастичните примери - во април и во мај, либанската армија депортирала илјадници Сиријци, вклучително и деца без придружба, кои побарале засолниште во таа земја.

„Фридом Хаус“ се осврна и на фактот дека пакистанската влада најави дека ќе ги депортира сите нерегистрирани мигранти.

„Самата декларација и последователните напори за нејзино спроведување принудија повеќе од 500.000 од 1,7 милиони авганистански бегалци во земјата да преминат во Авганистан“, се истакнува во извештајот.