Министерството за здравство(МЗ) ги прифати препораките на Комисијата за заразни болести за да се спречи ширењето на голема кашлица, од која досега заболеа 141 лице.
Од Министерството соопштија дека министерот за здравство Илир Демири ќе донесе одлука со која на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) ќе му наложи да постапува согласно законските надлежности предвидени со Закон за заштита на населението од заразни болести, како и да врши вонредни инспекциски надзори - да прави увид во вакциналните потврди за примена вакцина против голема кашлица.
„Министерството за здравство апелира до родителите дека најдобар начин за превенција на голема кашлица е вакцинацијата, затоа треба да ги вакцинираат своите деца“, се вели во соопштението.
Рената Младеновска, директорка на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) денеска изјави дека ќе забранат посета во градинки на деца кои не примиле вакцина, само доколку препораката на Комисијата за заразни болести биде прифатена и со одлука, а Министерството за здравство му наложи на Инспекторатот да врши вонредни инспекциски надзори.
Комисијата за заразни болести вчера одржа состанок на кој, меѓу другото, препорача да се засили инспекцискиот надзор за да се утврди состојбата во градинките со вакцинирани и невакцинирани деца, да се овозможи тестирање за голема кашлица низ целата држава, како и задолжителна дигитална евиденција за вакцинација на децата во вакциналните пунктови.
Комисијата препорача вакцинирање и на возрасни.
Според информацијата од Комитетот за имунизација, на 15 март се очекува да пристигнат првите вакцини против голема кашлица што ќе бидат наменети за возрасни лица.
Кај деца, првата доза вакцина се дава на деца на возраст со навршени два месеца, втората доза на возраст од четири месеци и третата доза на возраст од шест месеци. Првата ревакцинација се врши една година по комплетирањето на примарна вакцинација, на 18-месечна возраст. Втората ревакцина се дава во второ одделение, односно на 7-годишна возраст.
Најмногу заболени од голема кашлица има Скопје. Вакциналните пунктови во Скопје работат во две смени за децата кои се невакцинирани и за оние кои пропуштиле ревакцина.