Џафери:Има време да се заменат документите до изборите

Северна Македонија - Техничкиот премиер Талат Џафери, февруари 2024

Со сегашната динамика на издавање на документи во Министерството за внатрешни работи(МВР), реално е да се очекува дека околу 100 илјади граѓани, за кои се претпоставува дека ги немаат заменето документите, ќе можат да ги обноват доколку навреме аплицираат, рече техничкиот премиер Талат Џафери на прес-конференција во владата,одговарајќи на прашање како ќе го искористат правото на глас на изборите оние кои немаат важечки лични документи.

Џафери се повика на податок на МВР, според кој само за еден месец, од 1 до 29 февруари се изготвени повеќе од 95 илјади пасоши со новото име на државата, Република Северна Македонија. Примени барања за лични карти има 82 235, а изготвени лични карти се 71 410. Барања за возачки дозволи има 46 280, а изготвени се 39 552.

До изборите има уште 50 дена.

„За да имате документ, треба вие да побарате. Значи, тоа е процедурата. Што ако евентуално дојдеме во ситуација определен број на граѓани тоа да го немаат, а тоа е тема за размислување за нас, и имајќи предвид дека има време секој да иницира прво да дадеме предност на правото на граѓанинот да иницира навремено соодветно барање за документ, а од потоа наша обврска е да излеземе со соодветна одлука што и како да постапиме“, рече Џафери.

Видете и ова: Пасошите без „Северна“ ќе важат само за гласање на избори?

Државната изборна комисија (ДИК) предложи во Изборниот законик да се воведе преодна одредба со која на граѓаните од ќе им се овозможи на претседателските и парламентарните избори во април и во мај да гласаат со пасоши со старото уставно име. а чија важност сè уште не е истечена.

“Како ДИК дадовме еден предлог до Собранието – во Изборниот законик да се направи измена во која ќе има преодна одредба само за овие избори, да важат и старите важечки документи за да можат да гласаат сите граѓани. Дали тоа ќе се усвои или не, зависи од Собранието“, претседателот на ДИК, Александар Даштевски.

Личните карти со старото уставно име, бидејќи не беше изменет Законот за лични карти со цел усогласување со новото уставно име, важат за внатрешна употреба и со нив ќе може да се гласа на избори. Меѓутоа, во конкретниот случај станува збор за група од над 100.000 граѓани чии лични карти истекле според датумот на важност. Рокот на важност наведен во пасошите кои ги поседуваат овие лица, пак, не е истечен, но името на државата на образецот е „Република Македонија“ поради што и овие документи им станаа неважечки по 12 февруари кога стапија на сила одредбите од Преспанскиот договор потпишан со Грција.

Видете и ова: Граѓаните без „Северна“ во пасошот можат само да - чекаат

Првиот круг на претседателските избори е закажан за 24 април. Вториот ќе се одржи на 8 мај кога ќе се гласа и на парламентарни избори.

Парламентарните ќе бидат 11-ти по ред од 1990 година. На претседателски, пак, македонските граѓани годинава ќе гласаат по седми пат откако првпат шеф на државата на непосредни избори се бираше во 1994 година.