Решението за петте државни универзитети кои бараат колективен договор е да се чека да завршат претседателските и парламентарните избори, порача денеска (6 март) техничкиот премиер Талат Џафери.
Џафери потенцира дека во моментов пречка е тоа што се распишани избори, а според членот 8а од Изборниот законик децидно е забрането потпишување колективни договори по распишување на изборите. Штрајкот и протестот, вели премиерот, е неприкосновено право на секој граѓанин, но тој смета дека во овој момент притисоците и барањата кои доаѓаат синдикатите од пет државни универзитет се од политички карактер.
„Моментумот на таков начин на барање да се реализира определено право претходно знаејќи дека има законски пречки за тоа, пред сè од носителите на протестот - претседателите на синдикатите, кои по природа треба да се од правната фела, прават дејствија кои никако поинаку не можам да ги сфатам, освен како предизборна кампања која повеќе оди во кампањата на дневна политика, отколку на самите вработени и заинтересирани кои имаат придобивка од овие колективни договори“, изјави Џафери на прес-конференција.
Видете и ова: Вработените на петте јавни универзитети на протест, побараа изедначување на платите со оние на УКИМВо прашање се барањата за колективен договор од синдикатите на петте државни универзитети: Тетовскиот универзитет, „Св. Климент Охридски“ во Битола, „Гоце Делчев“ во Штип, „Св. Апостол Павле“ во Охрид и „Мајка Тереза“ во Скопје.
Изминатиот период нивните синдикати бараа и итен прием кај премиерот Џафери, а се организираа и мирни протести.
Ова следуваше откако на крајот на 2022 година Универзитетот „Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје потпиша колективен договор со Собранието, кое е негов основал. Договорот почна да се применува од почетокот на 2024 година со што вработените добија покачени плати за 22 отсто.
Џафери на прес-конференцијата тврди дека по потпишувањето на овој договор по негова иницијатива како претседател на парламентот, била остварена средба со претставници на петте универзитети и им дал примерок од договорот до УКИМ, за да знаат како треба да изгледа содржината, да подготват материјали и да достават до Собранието.
Видете и ова: Над 3.000 вработени во УКИМ ќе добијат повисоки платиПрв барање за колективен договор до Собранието доставил битолскиот универзитет во мај 2023, но другите тоа го направиле во периодот од октомври до крајот на декември лани, кога веќе Џафери бил номиниран за премиер во техничката влада и почнале процедурите за нејзин избор.
„Решението е да се чека да се завршат изборите. Собранието е основач на универзитети, а тоа ниту е политичка партија ниту е личност. Тоа е државна институција и е највисок орган. По изборите продолжува процедурата по однос на барањата. Кој и да е нареден претседател или состав на Собранието ќе мора да го овласти претседателот на Собранието Имајќи предвид дека искуствено оние слабости од барањето на УКИМ се надминати и сите имаат примерок како треба да изгледа содржината на договорот, полесно и побрзо ќе може да се заврши процедурата“, вели премиерот.
Џафери одговарајќи на новинарско прашање ја коментираше и иницијативата на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) за разрешување на директорот на Фондот за иновации технолошки развој (ФИТР) Фестим Халили поради грантови доделени на Дрин Ахмети, внук на лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Тој вели дека Владата нема да постапи по иницијативата и да го разреши директорот додека не се докаже неговата вина.
„Владата ниту е судија, ниту е обвинител. Соодветната независна институција поднела информација до таму каде треба да поднесе и Владата не може да постапи како судија и суд. Презумција на невиност е основно правило на правото и надлежните институции што треба да постапат, ако имаат поинаква соодветна одлука нема причина да не постапи владата. Владата не може да ја преземе улогата на другата институција, треба да направиле разлика по однос на надлежноста“, вели Џафери.
Видете и ова: Антикорупциска - Фондот за иновации да одговара за грантовите на внукот на АхметиВо врска со критиките од Брисел за тоа дека не се постапува по иницијативите на Антикорупциска, Џафери вели со став:
„Антикорупциска е независно тело формирано од Собранието и е независно во својата работа и според законот има надлежност да поднесува извештаи до надлежните институции кои имаат можност за постапување. Понатаму кој било коментар е сувишен и непотребен бидејќи оти може да се смета како мешање на работите меѓу властите“.
За доделувањето грантови на Дрин Ахмети, покрај на директорот на ФИТР, Антикорупциска побара од Владата разрешување на сите членови на Управниот одбор и Комитетот за одобрување на инвестиции. Иницијативата беше изгласана од минатиот состав на ДКСК на чело со претходната претседателка Билјана Ивановска на седница на 6 февруари, која беше и последна за овој состав на Комисијата, по што на должност стапија новите антикорупционери.