Шефот на молдавската разузнавачка и безбедносна служба (СИС), Александру Мустеата предупреди дека Русија планира нови активности за дестабилизација на земјата додека се подготвува за претседателски и парламентарни избори и клучниот референдум за интеграција во Европската Унија.
Мустеата на прес-конференција на 5 март во Кишињев рече дека СИС дошла до „одредени податоци“ за активностите планирани за оваа и следната година што ќе го компромитираат пристапот на Молдавија во ЕУ и ќе ја вратат во сферата на влијание на Русија.
„Деталите укажуваат на стратегии за 2024 и 2025 година кои вклучуваат поддршка за проруските политички актери поврзани со разузнавачките служби, организираните криминални групи и раководството на Кремљ.Најважниот актер во извршувањето на дестабилизирачките акции би била група предводена од бегалецот олигарх Илан Шор“, рече Мустеата.
Шор, кој ја предводи партијата Шор поддржана од Москва, минатата година беше осуден во отсуство на 15 години затвор поради обвиненијата за измама и перење пари поврзани со исчезнувањето на милијарди долари од молдавските банки.
Партијата на Шор беше забранета, додека самиот Шор побегна во Израел.
Шор и неговата партија, исто така, се погодени од санкции од ЕУ, Соединетите Држави и Канада поради наводен обид за дестабилизирање на ситуацијата во Молдавија и дејствување во интерес на Русија.
„Предвидуваме дека ќе се направат обиди да се предизвикаат неколку општествени и политички кризи, да се предизвикаат конфликти и да се разгори меѓуетничка омраза, што би довело до безбедносни кризи во автономијата на Гагауз или во регионот на Придњестровје“, рече Мустеата.
Видете и ова: Молдавија ги „расипа“ руските изборни планови во отцепениот ТрансдњестарПолуавтономната Гагаузија главно е населена со етнички турски гагаузи, кои зборуваат руски и го прифатиле руското православно христијанство.
За време на прозападната претседателка Маја Санду, која дојде на власт откако го победи актуелниот претседател Игор Додон поддржан од Москва во ноември 2020 година, Молдавија тргна по цврст европски пат и остро ја осудува руската инвазија на Украина.
Во 2022 година Кишињев доби покана да ги отвори преговорите за членство со ЕУ и оваа година треба да одржи национален референдум за приклучување кон блокот од 27 земји, кој допрва треба да биде закажан.
Претседателските и парламентарните избори се исто така закажани за подоцна оваа година, а Санду планира да се кандидира за втор мандат. Нејзината партија ПАС на локалните избори освои повеќе од 40 отсто од гласовите и беше прва на парламентарните избори.