Унгарскиот претседател Тамаш Суљок во вторникот на 5 март потпиша закон со кој се одобрува приемот на Шведска во НАТО, соопшти неговиот кабинет, отворајќи го патот на нордиската земја да стане 32-та членка на воената алијанса.
Стокхолм ја напушти својата политика на неврзаност за поголема безбедност во рамките на Северноатлантскиот сојуз по руската инвазија на Украина во 2022 година.
Останатите формалности, како што е поднесувањето на пристапните документи во Вашингтон, најверојатно ќе се случат наскоро, пишува Ројтерс.
„Тоа е исклучително важно и се надеваме дека сега ќе станеме членки и дека нема да биде прашање на недели, туку на денови“, рече шведскиот министер за одбрана Пал Јонсон на прес-конференција во Стокхолм.
„Ќе биде добро за Шведска и добро за НАТО. Ќе биде добро за стабилноста во целата евроатлантска област ако Шведска стане полноправна членка на НАТО“, додаде тој.
Видете и ова: Унгарија го одобри влезот на Шведска во НАТОПовеќето земји од НАТО ја одобрија кандидатурата на Шведска веднаш по нејзината пријава во мај 2022 година, но Турција и Унгарија го одложија процесот, незадоволни од поддршката на Шведска за курдските сепаратисти и критиките на владата во Будимпешта.
Минатогодишниот пристап на Финска во Алијансата, а наскоро и на Шведска, која не е во војна од 1814 година, е најзначајното проширување на НАТО откако Алијансата прими членки од Источна Европа по распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година.
Пристапувањето на Шведска и Финска е удар за рускиот претседател Владимир Путин и Москва сега се соочува со речиси непрекинат синџир на членки на НАТО на запад кој се протега од Црното Море до Арктикот.
Унгарските пратеници ја одобрија кандидатурата на Шведска за членство во НАТО на 26 февруари, откако владата на унгарскиот премиер Виктор Орбан се соочи со притисок од сојузниците во НАТО да го одобри влезот на Шведска во воената алијанса.