Во Иран лани егзекутирани 834 лица

илустрација

Најмалку 834 луѓе биле егзекутирани во текот на 2023 година во Иран, според годишниот извештај на Иран за човекови права.

Ова е зголемување од дури 43 проценти во однос на 582-те егзекуции во 2022 година.

Властите официјално потврдија дека минатата година биле егзекутирани 125 лица. Според тоа, властите не потврдиле 85 отсто, односно 709 егзекуции.

„Внесувањето на општествен страв е единствениот начин на режимот да ја задржи власта, а смртната казна е неговиот најважен инструмент“, вели во извештајот директорот на Групата за човекови права на Иран, Махмуд Амири-Могадам.

Видете и ова: ОН: Егзекуциите во Иран зголемени за 30 отсто

Стапката на егзекуции во Иран драстично се зголемува, а групите за човекови права укажуваат на порастот на егзекуциите поврзани со употребата на дрога и на широко распространетите протести што ја зафатија целата земја минатата година по смртта на 22-годишната Махса Амини во полициски притвор.

„Некои од егзекуциите се извршени тајно, без да бидат информирани семејството или адвокатот, а некои едноставно не се објавени во официјалните медиуми“, се вели во извештајот.

Извештајот покажува дека, со исклучок на Кина, каде што групите за права велат дека е невозможно да се добијат точни податоци, Иран погубил повеќе жени (22) од која било друга земја во светот.

Најмалку 471 лице биле егзекутирани под обвиненија поврзани со дрога, а најмалку 282 поради обвиненија за убиство. Според податоците на веб-страницата, во 2024 година досега имало 83 егзекуции, а меѓу егзекутираните се и две жени.