Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе ги преземат сите процедурални, демократски и собраниски процедури за да го спречат носењето на законите за стратешки инвестиции во енергетиката, за кои, сметаат дека се криминални и најавија дека ќе поднесат 40 амандмани.
„Очајноста на СДСМ продолжува до последен ден од нивното владеење. Денеска на Комисијата за економски прашања, СДСМ повторно ќе се обиде да ги протурка законите за стратешки инвестиции во енергетиката. Ова се закони со кои се нанесува децениска штета по енергетскиот сектор на Македонија, а служат само за богатење на најтесното раководство на СДСМ“, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојановски.
Тој потенцира дека со носењето на овие закони, на инвеститорите им се дава привилегирана положба, а државата се става во подредена положба.
„СДСМ без поддршка на останатите коалициони партнери турка закон со кој на грчка компанија ќе и се даде државна помош од близу 50 милиони евра, а дополнително и се гарантира откуп на произведената струја и топлинска енергија по цени далеку повисоки од реалните. Со останатите стратешки закони се дава плодна земјоделска почва за изградба на фотоволтаици каде повторно државата гарантира откуп на електричната енергија по високи цени. Ние како пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за Обнова на Македонија алармиравме и предупредувавме за штетата која овие закони може да ја предизвикаат“, истакна Стојановски.
Видете и ова: Законите за стратешки инвестиции повлечени, па пак поднесени, за да се отстранат дилемите во јавностаВицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи пред една недела изјави дека Предлог-законите за четирите стратешки инвестиции од областа на енергетиката, биле повлечени од седница на Влада и повторно поднесени за да се елиминираат сите недоумици. Тој рече дека законите се веќе во Собранието, со интервенции во договорите и со избришани членови во два од законите по укажувања од институциите. Како што информира, имало интервенции за инвестиците на Митиленеос, Аим греен и кај сите четири договори кои заради транспарентност се дадени на увид во Собрание.
Стојановски најави дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе 40 амандмани, во кои се ставени забелешките на експерти од различни сфери на општеството, кои доколку би се усвоиле и би се вметнале во овие закони, би гарантирале, како што рече, нормално имплементирање на овие закони.
Во Собранието по скратена постапка се доставени Предлог законот за реализација на стратешкиот инвестиционен проект Митилинеос, когенеративна постројка Скопје, Предлог законот за реализација на Стратешкиот инвестиционен проект „Соларен парк Стипион“ и Договор за стратешки инвестиционен проект „Соларен парк Стипион“, Предлог законот за реализација на стратешкиот инвестиционен проект АИМ ГРЕЕН ТЕЦХ и Предлог законот за реализација на стратешкиот инвестиционен проект соларна електрична централа - Пехчево.