Францускиот претседател Емануел Макрон пред денешната посета на Прага апелираше дека на Европа и е потребно стратешко будење бидејќи „Русија игра со времето“ и рече дека ништо не е исклучено во дебатата за тоа што може да се направи за да и се помогне на Украина.
„Како одговор на прашањето што ме прашаа за испраќање војници (во Украина), реков дека ништо не е исклучено. Секој збор е важен. Токму сега, Европејците мора да се запрашаат дали нивната сегашна стратегија одговара на декларираните цели. На нашите демократии им треба поттик, им треба стратешко будење“, вели Макрон во интервју за чешкиот дневен весник „Право“.
Во интервјуто нема коментар за вчерашната изјава пренесена на руски медиуми дека Франција не планира да испрати свои војници во Украина во блиска иднина.
„Отвораме дебата и размислуваме за сè што може да се направи за да и помогнеме на Украина. Секогаш сум кажувал каква е нашата рамка: ние не војуваме против рускиот народ и одбиваме да влеземе во логиката на ескалација. Но, Украинците се борбата за нашите вредности, нашата безбедност и слобода и нашиот пристап мора да биде адекватен на тој предизвик“, рече францускиот претседател.
Видете и ова: Путин предупреди на ризик од нуклеарна војна ако НАТО испрати војници во УкраинаМакрон предупреди дека режимот на рускиот претседател не победил во таа војна како што тој се обидува да ја прикаже.
Францускиот претседател потсети дека на крајот на февруари, членките на ЕУ на конференцијата во Париз се согласија да направат повеќе за Украина во пет области - кибер одбраната, заедничко производство на оружје во Украина, за безбедноста на земјите кои се директно загрозени од руските офанзива, како што е Молдавија, во зајакнувањето на границата на Украина со Белорусија и отстранувањето мини.
Видете и ова: Макрон не ја исклучува можноста за распоредување француски трупи во УкраинаИнаку Макрон денеска во Прага ќе разговара со чешкиот претседател Петр Павел за чешката иницијатива за пронаоѓање на 1,4 милијарди долари за купување на 800 илјади парчиња муниција, што Чешка се согласи да ја набави од трети земји, а се очекува францускиот претседател денеска да ја соопшти сумата што би ја инвестирала Франција.
Со чешкиот премиер Петр Фијала, претседателот Макрон ќе разговара првенствено за нуклеарната енергија, бидејќи на тендерот за изградба на нов реактор во централата Дуковани учествува француската компанија ЕДФ, а чешката влада планира наместо два да изгради, дури четири нови реактори во нуклеарните централи Дуковани и Темелин.
Макрон и Фијала ќе го потпишат и Акциониот план на стратешкото партнерство на Франција и Чешка за периодот од 2024 до 2028 година.