Обвинителството за организиран криминал има предистрага за лажните „Трамп картички“ на велешани

Илустрација

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција го истражува случајот со интернет продажбата на картички со ликот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп. Една недела по објавувањето на истражувачката сторија на Радио Слободна Европа во која се објавени детали за интернет-механизмот воспоставен со цел десетици Македонци, главно од градот Велес, да извлечат пари од американските граѓани, од обвинителството информираат дека има оформено предистрага.

„Се работи за обемен предмет. Оформен е по анонимна пријава и таа е од аспект на финансиите, всушност ги следиме финансиските текови на парите. Се работи за доста комплексен предмет, кој вклучува корпус на дејствија, а меѓу другото можно е да биде вклучена и меѓународна правна помош. Но, до таа фаза се уште не сме стигнале. За сега имаме наредби и кога ќе добиеме исход ќе влеземе во фазата за меѓународна помош. Дел од оваа предистрага е поврзана и со предмет кој веќе е во фаза на судење“, велат од обвинителството за гонење на организиран криминал.

Видете и ова: „Made in Veles“: Трамп картички со „милиони“

Со истражувањето РСЕ откри група луѓе кои се од Северна Македонија, а на американските граѓани преку огласи им продаваат лажни производи поранешниот американски претседател Доналд Трамп. Им креира приказна дека производите купени денеска со ликот на Трамп ќе вредат милиони доколку се врати на власт. Најчесто лажните понуди се за продажба на картички со ликот на Трамп, но и монети, стикери, налепници. Всушност, се нудеа целосно безвредни производи.

РСЕ се инфилтрираше во затворена група на Телеграм која е една од повеќето затворени групи преку кои комуницираат македонските „продавачи“ на лажни дебитни картички. Ги следеше дигиталните траги, но два дена откако РСЕ ја објави сторијата започнаа да исчезнуваат. Содржината на повеќето канали на Телеграм беше избришана.

Во исто време голем дел од македонските граѓани кои продаваа картици или монети со ликот на Доналд Трамп ги повлекоа своите производи од платформата CopeCart преку која се вршеше продажбата.

Видете и ова: Креаторите на лажни Трамп картички почнаа да ги бришат дигиталните траги

Велес, кој има нешто повеќе од 45.000 жители, стана познат пред американските избори во 2016 година, кога светските медиуми открија дека во него се креирани повеќе од 100 политички веб-страници, каде се споделуваа лажни вести, кои ја фаворизираа политиката на Доналд Трамп.

Овој пат приказната се сведува на тоа дека е измислен нов монетарен систем наречен TRB (Trump Rebate Banking system), а приказната која се пласира е дека луѓето кои поседуваат TRB производи ќе си ги наплатат, односно ќе добијат неколку пати поголем поврат за дотогаш вложените средства. Цените на картичкате кои се лажни, а кои се продаваат достигнуваат и неколку илјади долари за секоја од нив.