Повеќе од 40 земји бараат независна истрага за смртта на Алексеј Навални

Луѓето положуваат цвеќе на гробот на рускиот опозициски политичар Алексеј Навални по неговиот погреб на гробиштата Борисовски во Москва на 1 март 2024 година.

Повеќе од 40 земји повикаа на независна меѓународна истрага за смртта на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, со тврдења дека рускиот претседател Владимир Путин ја сноси крајната одговорност.

Членките на Европската унија, САД, Велика Британија, Украина, Австралија, Канада, Нов Зеланд и Норвешка се меѓу земјите кои изразија револт поради смртта на Навални во Советот за човекови права на Обединетите нации.

Четириесет и седумгодишниот Навални, кој почина во арктичкиот затвор под мистериозни околности, беше погребан на 1 март на гробиштата во Москва. Најмалку 120 лица се уапсени во Русија поради учество на собири на кои граѓаните му оддаваа почит.

„Ние сме огорчени од смртта на рускиот опозициски политичар Алексеј Навални, за која крајната одговорност е на претседателот Путин и руските власти“, изјави евроамбасадорката Лоте Кнудсен пред телото на ОН за човекови права во име на 43 земји.

„Русија мора да дозволи независна и транспарентна меѓународна истрага за околностите на неговата ненадејна смрт. Неочекуваната и шокантна смрт на господинот Навални е уште еден знак за забрзана и систематска репресија во Русија“.

Видете и ова: Повеќе од 120 лица уапсени во Русија поради учество на собири во чест на Навални

Претставниците на овие земји нагласија дека се длабоко загрижени поради „систематското задушување на граѓанското општество“ и репресијата на политичката опозиција во Русија и во странство.

Тие ја повикаа Русија веднаш и безусловно да ги ослободи сите политички затвореници, бранители на човекови права, новинари и антивоени активисти приведени поради мирно остварување на нивните човекови права и противење на руската војна во Украина.

Ја повикуваме Руската Федерација да стави крај на оваа клима на неказнивост и да создаде безбедна средина за политичката опозиција и критичките гласови“, се вели во заедничкото сооштение на овие земји.

Тие, исто така, ја повикаа Русија „да го укине угнетувачкото законодавство и да стави крај на политичката злоупотреба на судството“.

Видете и ова: Поддржувачите на Навални и денеска положуваат цвеќиња на неговиот гроб и покрај полициското присуство и апсењата

Навални почина на 16 февруари по долгогодишно заробеништво во кое помина повеќе од 300 дена во самица, му беше одбиена медицинска помош, се пожали дека е подложен на лишување од сон и уште многу други работи. Руските судови отфрлија повеќе од 40 жалби што тој ги поднел за наводна злоупотреба.

Еден ден пред погребот, Европскиот парламент усвои резолуција со која се обвинуваат руската држава и претседателот Владимир Путин за смртта на Навални.

Во моментот на неговата смрт, овој истакнат критичар на Кремљ отслужуваше 19-годишна затворска казна под обвинение за екстремизам што тој, неговите поддржувачи, западните функционери, го негираа и ги сметаа за политички мотивирани обвинувања. Поддржувачите на Навални веруваат дека тој е убиен, а неговата вдовица Јулија Навалнаја вети дека ќе ја продолжи работата на нејзиниот сопруг.