Вработените на петте јавни универзитети на протест, побараа изедначување на платите со оние на УКИМ

Протест на вработените во петте јавни Универзитети, 4 март, 2023 година.

Потпишување на колективен договор на петте јавни универзитети и изедначување на правата, обврските и одговорностите со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје побараа на денешниот мирен протест членовите на синдикатите на универзитетите во Битола, Тетово, Штип, Охрид и „Мајка Тереза“ во Скопје.

Тие го поздравија потпишувањето и спроведувањето на колективниот договор на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје, но истовремено укажаа на нееднаквиот статус на останатите пет јавни универзитети во земјата. Вработените сметаат дека се игнорирани и дискриминирани од Владата и Собранието во однос на УКИМ, чии вработени со потпишаниот колективен договор од овој месец ќе добијат зголемување на платите за околу 22 отсто.

Вработените во Универзитетот за информатички науки и технологии „Свети Апостол Павле“ од Охрид упатија порака до надлежните институции дека спроведуваат дискриминација кон нив и останатите четири јавни високообразовни институции.

„Ние имаме ист статус и извршуваме идентична општествена дејност. Со овој протест сакаме да го искажеме нашето незадоволство и воедно бараме потпишување и на нашите колективни договори или изнаоѓање законска рамка за пристапување кон колективниот договор од УКИМ. Во спротивно, во координација со останатите четири јавни универзитети во државата ќе ги дефинираме следните чекори за продолжување на овој штрајк, се до исполнување на нашите барања“, рече Игор Јовески, претседател на синдикатот на вработени на Универзитетот „Свети Апостол Павле“ од Охрид.

Видете и ова: Синдикатите на пет јавни универзитети на протест за колективните договори

Поддршка на синдикатот на битолскиот Универзитет „Свети Климетн Охридски“ му даде ректорот Игор Неделковски, кој нагласи дека денеска во посета бил техничкиот премиер Талат Џафери, на кој му предочил дека ваквата ситуација, без разлика кои се причините, значи не само правен акт на дискриминација, туку и девалвација.

„Професорите, вработнеите и студентите на сите јавни универзитети се вработуваат под еднакви услови и извршуваат еднакви работни задачи. Оваа состојба значи дека нашите професори и вработени се 22 проценти помалку вредни од професорите на УКИМ. Но, што е уште пострашно тоа води кон тоа дека нашите студенти посетуваат 22 отсто понеквалитетна настава, бидејќи добиваат знаење од професори и вработени, кои се за 22 проценти помалку платени од своите колеги“, рече Неделковски.

И вработените во Државниот Универзитетот во Тетово, меѓу кои и тројца актуелни пратеници, пред зградата на Ректоратот го изразија незадоволството за непотпишувањето на колективните договори и побараа од Собранието, пред да се распушти да се потпише колективниот договор.

Видете и ова: Многу врева за мало зголемување на платите во високото образование

Порака дека надлежните спроведуваат двојни стандарди, дискриминација и нееднаквост беше испратена и од протестот пред Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, чиј претседател Авни Авдиу во изјава за МИА посочи дека го изразуваат својот став и негодување дека се игнорирани и дискриминирани од Собранието и на Владата, откако колективен договор е потпишан само со Универзитетот „Свети Кирил и Методиј'.

Доколку не бидат исполнети барањата на синдикатите на петте јавни универзитети идните активности ќе ги дефинираат во консултации со поширокото членство. На овие универзитети има 1.500 вработени, додека УКИМ има вкупно 3.200 вработени лица.