Баербок: Не можеме да дозволиме сиви зони никаде во Европа

Германската министерка за надворешни работи, Аналена Баербок

„Не можеме да си дозволиме да имаме сиви зони насекаде во Европа и мора да сториме сè заедно за да ги затвориме сите страни што Русија може да ги искористи за својата политика на дестабилизација, дезинформации и инфилтрација“, рече германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок на 4 март пред да замине во посета на Црна Гора и Босна и Херцеговина.

Баербок додаде дека ова вклучува и поддршка на земјите од Западен Балкан да ги зајакнат нивните демократски институции, да ја подобрат нивната отпорност и да им понудат на своите граѓани економски перспективи.

„Како ЕУ, имаме заедничка домашна задача да се поставиме на вистинскиот пат за иднината, притоа ставајќи повеќе столчиња на европската маса. Само заедно ќе успееме да поставиме цврсти темели за мирот, слободата и безбедноста во Европа“, додаде таа.

Видете и ова: Путин се обидува да го одвои Балканот од ЕУ, вели шефицата на германската дипломатија

Баербок рече дека во Подгорица ќе стане збор за тоа како Црна Гора може да постигне уште подобар напредок во реформите на владеењето на правото и во борбата против корупцијата и организираниот криминал и како „можеме да ја поддржиме земјата во тоа“.

Таа исто така посочи дека Босна и Херцеговина е на клучен крстопат во пристапниот процес, а минатата година Европскиот Совет одлучи да ги отвори пристапните преговори веднаш штом ќе се исполнат критериумите за тоа.

„На патот кон ЕУ, одговорните во Сараево мора чекор по чекор да пристапат кон неопходните реформи. Усвојувањето на законот за спречување на перење пари и финансирање тероризам беше еден таков европски реформски чекор. Со оглед на локалните избори во октомври, клучно е да се заврши реформата на изборниот закон во пакет со интегритет на изборниот процес“, рече таа, додавајќи дека слободните и фер избори се темелот на едно демократско општество.