Засилена соработка во граничната контрола меѓу ЕУ и Бугарија и Романија

илустрација

Европската Комисија денеска (4 март) постигна договор со Бугарија и Романија за две рамки за соработка во управување со границите и миграцијата, кои ќе се надоврзат на пилот-проектите со двете земји за побрзи процедури за азил започнати во март 2023 година и кои ќе овозможат одржливи решенија.

„Бугарија и Романија дадоа нов поттик на заедничките напори во управувањето со надворешните граници и миграцијата. Преку рамките за соработка договорени денеска, двете земји дополнително ќе придонесат за заедничките европски напори за справување со безбедноста на ЕУ на надворешните граници и миграциските предизвици“, соопшти Еврокомисијата.

Како што јави МИА, фокусот во соработката ќе биде ставен на поддршката за засилени мерки во областа на граничното управување, азилот, системот за враќање на мигрантите и засилената полициска соработка во Шенген зоната, како и на започнување на подготовки за спроведување на Новиот пакт за миграција и азил во Бугарија и Романија, особено во однос на националните планови за имплементација.

Видете и ова: Од март Бугарите и Романците во ЕУ без пасоши со авион и брод

Рамките за соработка се базираат на тезата дека законодавство за Шенген зоната ќе биде целосно применливо во Бугарија и Романија и дека од 31 март 2024 година контролите на внатрешните европски воздушни и поморски граници ќе бидат укинати. Наспроти ова, тие вклучуваат и активности за понатамошно зајакнување на полициската соработка во справување со прекуграничните предизвици.

Како дел од активностите за поддршка на имплементацијата на рамките, Европската Комисија најави финансиска поддршка од 85 милиони евра од Инструментот за гранично управување и визи за периодот 2021-2027 година, со цел подобрување на националните капацитети на надворешните граници на ЕУ.

Бугарија и Романија сега ќе можат да аплицираат и за дополнително финансирање за продолжување или надградба на постоечките системи за граничен надзор, како и за набавка на превозни средства и оперативна опрема, вклучително и камери за детекција на движење и на топлина.