Техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски информира дека в среда (6 март) ќе се отвори нов пункт за вадење лични документи што ќе се наоѓа во рамки на Центарот за обука во Идризово.
„В среда ќе се отвори нов пункт за вадење лични документи што ќе се наоѓа во склоп на Центарот за обука во Идризово. Пунктот ќе биде со четири базни станици кои се префрлени во Идризово од внатрешноста на државата. Започнуваме со една смена, бидејќи за толку имаме обучен кадар, а ќе можат да се опслужуваат по 250 до 300 луѓе, изјави Тошковски во интервју за „Слободен печат“.
Тошковски информира дека имаат обрасци кои ќе бидат доволни до почеток на мај, но, најголем проблем, како што рече, е печатењето лични документи.
Видете и ова: Граѓаните без „Северна“ во пасошот можат само да - чекаатТехничкиот министер за внатрешни работи изјави дека веќе не произведуваат по 50 илјади пасоши месечно, туку од 75 до 80 илјади.
„Обрасци, најверојатно ќе има до 8 мај, до избори или до првата недела од мај. Но, не сакам да го оставам истиот проблем што го затекнав првиот ден. Сакам да обезбедиме континуитет, да има повторно достава на обрасци. Имаме околу 400.000 обрасци кои треба да се испорачаат до јуни. Целта е од тие 400 илјади да пуштат колку што можат порано, минимум сто илјади за да се задоволи динамиката“, рече Тошковски.
Според Министерството за внатрешни работи (МВР) од јуни 2021 кога почнаа да се издаваат лични документи со новото име, до 7 февруари годинава биле направени 1 297 447 пасоши. Според бројките од последниот попис, вкупното население, вклучително и дијаспората, изнесува 2 097 319 лица.
Промената на личните и патни исправи е обврска од Преспанскиот договор кој Македонија го потпиша со Грција на 17 јуни 2018 година. Иако роковите од Договорот почнаа со промената на Уставот во февруари 2019 година, Северна Македонија не почна навреме да издава лични документи со новото име, па и граѓани кои вадеа лични документи во 2021 година, повторно ги добиваа со старото име Република Македонија.