Воени вежби на Јужна Кореја и САД поради заканите од Северна Кореја

Јужна Кореја и САД почнаазаеднички воени вежби со цел да се подобри одбраната од севернокорејските нуклеарни и ракетни закани

Јужна Кореја и Соединетите Држави денеска (4 март) почнаа заеднички воени вежби со цел да се подобри одвраќањето на севернокорејските нуклеарни и ракетни закани, поради загриженоста дека Пјонгјанг може да ги искористи маневрите како изговор за провокации, објави агенцијата Јонхап.

Годишната вежба „Штитот на слободата“ се очекува да трае 11 дена во услови на зголемени тензии поради континуираните демонстрации на сила од страна на Пјонгјанг, вклучително и артилериски оган долж неговата западна поморска граница и серија лансирања на проектили. Пролетните вежби се први откако Пјонгјанг во ноември стави крај на меѓукорејскиот воен договор од 2018 година, чија цел беше да се намалат тензиите на границата, што ги зголеми стравувањата дека Северот може да организира провокативни воени демонстрации.

Видете и ова: Јужна Кореја тврди дека Северна Кореја испратила 6700 контејнери со муниција во Русија

Пјонгјанг долго време ги осудува воените вежби на сојузниците како проби за инвазија против него и има историја на спроведување ракетни лансирања во знак на протест против таквите вежби, иако Сеул и Вашингтон велат дека таквите вежби се чисто одбранбен карактер.

Војските на Јужна Кореја и САД рекоа дека вежбата има за цел да ги подобри нивните заеднички одбранбени способности, додавајќи дека ќе се фокусира на операции кои вклучуваат различни гранки на војската, користејќи копнени, морски, воздушни, кибер и вселенски средства. Ќе се разработат и контрамерки против можни нуклеарни дејства на Северна Кореја.