На вечерашниот партиски Конгрес СДСМ го потврди Стево Пендаровски како претседателски кандидат за претстојните избори на пролет. Со 706 гласови „за“ од своите сопартијци Пендаровски ја доби поддршката и официјално влегува во трката за втор претседателски мандат.
На почетокот на вечерашниот Конгрес свое обраќање имаше претседателот на СДСМ и Димитар Ковачевски, кој порача дека Пендаровски „има јасна визија за просперитетот на државата и нејзина интеграција во Европската Унија“.
„Во досегашниот мандат покажа што значи да се биде претседател за сите. Во неговиот мандат земјата стана членка на НАТО, сега во вториот мандат да стане членка на ЕУ“, порача Ковачевски, кој истакна дека денеска биле собрани нас 20.000 граѓански потписи за кандидатурата на Пендаровски.
„На овој начин најдобро се потврди она што го говорам две години, дека најсилната, најголема и партија која има најголема организациска способност во државата е СДСМ“, додаде Ковачевски.
Видете и ова: Пендаровски и Силјановска-Давкова ги собраа граѓанските потписи за потврда на своите кандидатуриПо гласањето, свое обраќање имаше и Пендаровски, кој истакна дека очекува двојна победа на претстојните претседателски и парламентарни избори.
„Очекувам двојна победа. Имаме свои вредности и потенцијали и сме подобри од нив. Реалните анкети што тие не ги даваат во јавноста се дека тие се паднати под 45 пратеника, а ние сме над 50. Не е воопшто случајно денешниот резултат на СДСМ во собирањето на потписите. Трендовите од пред извесно време се променети“, истакна Пендаровски.
Стево Пендаровски третпат ќе настапи како кандидат на СДСМ за претседател на државата. Претходно тој беше кандидат во 2014, а потоа и во 2019 година кога и победи на претседателските избори.
Пендаровски е на функцијата претседател на државата од 12. мај 2019 година.
Првпат беше кандидат за претседател на државата во 2014 година, како кандидат на коалицијата предводена од СДСМ, но не успеа да го победи тогашниот претседател Ѓорге Иванов.
Видете и ова: Претседателски избори: Во трката за нова, не се „испушта“ старата функција?Во 2019 година вторпат беше кандидат на претседателски избори, како консензуален кандидат на СДСМ, ДУИ и десетици други политички партии и го победи кандидатот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, универзитетската професорка Гордана Силјановска-Давкова.
И на овие избори Силјановска Давкова е негов противкандидат. И таа денеска обезбеди 10 000 потписи од граѓаните за кандидатурата, а ВМРО-ДПМНЕ и ја официјализираше поддршката вчера на конвенција на партијата.
Потписи за влез во трката за претседател на државата досега обебзедија уште пет кандидати: Лидерот на „ЗНАМ“ Максим Димитриевски, актуелниот министер за надворешни работи Бујар Османи кој е кандидат на ДУИ, претседателот на ГРОМ Стевче Јакимовски, Билјана Ванковска, кандидат на Левица и Арбен Таравари од коалицијата на здружената албанска опозиција „Вреди“.