Израел ги бојкотираше преговорите за примирје бидејќи Хамас одби да објави список на живи заложници

Бегалски камп Рафах на југот на Појасот Газа, 28 февруари 2024 година.

Израел ги бојкотираше преговорите за примирје во Газа што се одржаа во Каиро во неделата, на 3 март, откако Хамас го одби барањето да испрати целосен список на заложници кои се уште се живи, објавија израелските медиуми.

Делегација на Хамас, организација означена како терористичка организација од Соединетите Американски Држави и Европската Унија, пристигна во Каиро на разговори кои се сметаа за последна пречка пред договорот што би ги запрел борбите на шест недели.

Меѓутоа, до вечерта израелската страна не се појави.

„Нема израелска делегација во Каиро“, пренесува Ynet, онлајн верзијата на израелскиот весник Yedioth Ahronoth, повикувајќи се на неименувани израелски официјални лица.

„Хамас одбива да даде јасни одговори, така што нема причина да се испрати израелска делегација“, се наведува во цитатот.

Вашингтон инсистираше на тоа дека договорот за прекин на огнот е блиску и дека сè треба да биде договорено до Рамазан, кој започнува за седум дена.

Но, конфликтните страни дадоа многу малку јавни индикации дека се повлекуваат од нивните претходни барања.

По пристигнувањето на делегацијата на Хамас, палестински функционер изјави за Ројтерс дека договорот „сè уште н е постигнат“. Немаше официјални коментари од израелската страна.

Видете и ова: Се очекува продолжување на преговорите за прекин на огнот во Газа

Извор упатен во преговорите, во саботата рече дека Израел можеби нема да се појави во Каиро доколку Хамас не претстави целосна листа на заложници кои се уште се живи. Палестинските власти изјавија за Ројтерс дека Хамас досега го отфрлал таквото барање.

Во претходните преговори Хамас избегнуваше да разговара за состојбата на поединечните заложници додека не се договорат условите за нивно ослободување.

Американски официјален претставник им порача на новинарите во саботата: „Патот до прекин на огнот сега е многу директен и јасен. Договорот е на маса. Постои рамковен договор“.

Израел се согласи со рамката и се чека одговор од Хамас, додаде овој претставник.

Договорот ќе го означи првото продолжено примирје во војната што беснее веќе пет месеци, со еднонеделна пауза во текот на ноември. Десетици заложници кои ги држат милитантите ќе бидат ослободени во замена за палестински затвореници.

Помошта би стигнала до Газа, која моментално е на работ на сериозен глад.

Борбите би прекинале навреме за да се спречи масовен израелски напад врз Рафах, каде што повеќе од половина од 2,3 милиони жители на Газа се наоѓаат втурнати во ѕид, бидејќи на јужната страна има ограда на границата со Египет.

Израелските сили би се повлекле од некои области, а жителите на Газа би можеле да се вратат во своите домови.

Видете и ова: Израел тврди дека стампедо убило повеќе Палестинци за време на испораката на помош во Газа

Сепак, договорот очигледно не го исполнува клучното барање на Хамас, кое е траен крај на војната, и не ја решава судбината на повеќе од половина од стотиците преостанати заложници - меѓу нив и израелски мажи, кои не вклучуваат условите за ослободување на жени, деца, стари лица и повредени.

Египетските посредници посочија дека овие прашања засега би можеле да бидат ставени настрана, но со уверување дека подоцна ќе бидат решени. Извор од Хамас изјави за Ројтерс дека милитантите чекаат „пакет“ решенија.

Во меѓувреме, членот на израелскиот воен кабинет, Бени Ганц, во вторник во Вашингтон треба да се сретне со американскиот државен секретар Ентони Блинкен, а американскиот пратеник Амос Хохштајн во понеделник ќе го посети Бејрут за да види што може да се направи за да се разреши ескалација на конфликтот на либанско-израелската граница.